Соединетите Американски Држави нудат награда до 10 милиони долари за информации што би помогнале во откривање и прекинување на финансиските мрежи на Хезболах. Повикот е објавен преку програмата Rewards for Justice на Стејт департментот, која бара сознанија за финансиски канали, лидери, оперативци и посредници поврзани со групата.
Потегот доаѓа во момент кога Вашингтон го засилува притисокот врз Хезболах преку санкции. САД деновиве санкционираа девет лица во Либан, меѓу кои и членови на либанскиот парламент и безбедносни структури, обвинувајќи ги дека ја поддржуваат групата и ги попречуваат напорите за нејзино разоружување.
Вашингтон оди по парите
Американските власти тврдат дека Хезболах годишно обезбедува огромни финансиски средства преку директна поддршка од Иран, меѓународни бизниси, донаторски мрежи, корупција и перење пари. Затоа новиот повик не е насочен само кон воените структури, туку кон финансиската инфраструктура што ѝ овозможува на групата да функционира.
Хезболах ги отфрли американските санкции, нарекувајќи ги обид за заплашување на „слободниот либански народ“ и порача дека тие нема да влијаат врз неговите стратешки одлуки. САД, пак, го третираат Хезболах како терористичка организација и со години се обидуваат да ги пресечат неговите извори на финансирање.