Уделот на веб-содржините што покажуваат значителни знаци на создавање или уредување со вештачка интелигенција расте на повеќето анализирани интернет-домени. Исклучок се страниците со доменот .gov, каде што е забележан пад, покажува анализата на „Пју рисрч центар“ (Pew Research Center).
Истражувањето опфатило 490.000 текстови на англиски јазик, земени од архивата на веб-содржини „Комон краул“ (Common Crawl) и анализирани со алатката „Опен панграм“ (Open Pangram). Резултатите покажуваат дека до јануари 2026 година, уделот на содржини со знаци на употреба на вештачка интелигенција достигнал 9,35 проценти на домените .com, 4,59 проценти на .org и 1,03 проценти на .edu.
Кај доменот .gov, кој најчесто го користат владините институции во САД, трендот е поинаков. Уделот на ваквите содржини достигнал врв од 1,72 проценти во јули 2024 година, по што се намалил на 1,40 проценти во јули 2025 година. Во јануари 2026 година изнесувал 0,76 проценти — најниско ниво од почетокот на 2023 година.
Дали институциите ја ограничуваат употребата на вештачката интелигенција?
Падот на уделот на содржини со знаци на употреба на вештачка интелигенција на домените .gov би можел да укажува на постоење институционални правила и контроли за нејзината употреба во официјалната комуникација. Тоа, сепак, не значи дека овие институции имаат помал пристап до алатките за вештачка интелигенција.
Од „Пју рисрч центар“ предупредуваат и дека страниците со доменот .gov заземаат релативно мал дел од анализираниот примерок. Затоа, промените меѓу одделните периоди може делумно да се должат на разликите во примерокот, а не нужно на реална промена во начинот на кој институциите ја користат вештачката интелигенција.
Резултатите укажуваат на растечко присуство на содржини создадени или уредени со помош на AI на интернет, но не даваат целосна слика за целиот веб. Анализата е ограничена на текстови на англиски јазик и на избрани домени, а идентификувањето содржини со помош на автоматизирана алатка не е исто што и потврда за нивното вистинско авторство.
