Украинската престолнина Киев повторно беше погодена од руски ракетни напади во текот на ноќта, при што се повредени најмалку 10 лица, меѓу кои и едно дете, соопштија локалните власти. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, и началникот на градската воена управа Тимур Ткаченко информираа дека руските сили извршиле напад со балистички ракети, по што жителите биле повикани да се засолнат во безбедни места.
Според украинските спасувачки служби, четири лица биле пренесени во болница поради повреди.
Оштетени објекти и пожари
По нападите биле регистрирани оштетувања на повеќе локации во градот. Пријавени се оштетувања на патната инфраструктура, скршени прозорци на станбени објекти и пожари во неколку нестамбени згради. Украинските власти посочија дека нападите предизвикале последици врз цивилната инфраструктура и населението.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нападите биле објекти поврзани со воено-индустрискиот сектор во Киев. Според Москва, биле погодени објекти за производство и складирање беспилотни летала со долг и среден дострел.
Руските власти исто така тврдат дека биле извршени напади врз пристанишна инфраструктура во Одеса, Черноморск и Измаил, која, според нив, се користи за транспорт и складирање воена опрема и гориво. Украинската страна засега не ги потврди овие тврдења за погодени воени објекти, туку ги истакна последиците врз цивилните објекти и граѓаните.