Руските сили изведоа серија ноќни напади со насочувани бомби и дронови врз три украински области, при што загина еден цивил, а најмалку 12 луѓе беа повредени. Според регионалните власти и украинското воено воздухопловство, цел биле Запорошката, Сумската и Дњепропетровската област, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди на критичен недостиг на ракети за противвоздушна одбрана.
Најтешките последици од ноќните руски напади се забележани во градот Запорожје, каде руска насочувана бомба уништи семејна куќа. Регионалните власти потврдија дека во нападот загина 67-годишен маж. По повеќечасовна потрага, спасувачките екипи успеале да извлечат 22-годишник од урнатините. Тој е пренесен во болница, а лекарите очекуваат негово целосно закрепнување.
Во одвоен инцидент во истиот град, руски дрон погоди стан во станбена зграда. При овој удар беа повредени 53-годишна жена и 52-годишен маж, а итните служби и пиротехничарите се сè уште на терен.
Сумската област беше цел на најмалку седум руски насочувани авионски бомби. Во нападот врз општината Суми беа повредени петмина цивили, иако според официјалните информации ниту еден не е во животнозагрозувачка состојба. Нападите предизвикаа материјална штета на куќи, возила и цивилна инфраструктура.
Слична слика беше забележана и во градот Дњепар, каде удар од дрон предизвика пожар во приватна куќа. Ударниот бран од експлозијата оштети прозорци на околните згради, автомобили, како и една локална продавница. Украинското воено воздухопловство соопшти дека за време на ноќта над Дњепропетровската област биле соборени 15 руски дронови, додека властите сè уште проверуваат дали има жртви во регионалниот центар.
Новата серија руски напади доаѓа само еден ден откако руски насочувани бомби погодија бензинска пумпа и станбени населби во Запорожје, при што загина едно лице, а шест беа повредени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше на овие случувања, предупредувајќи на критичен недостиг на ракети за противвоздушна одбрана. Тој нагласи дека на Украина ѝ се неопходни овие системи за одбрана од се почестите руски балистички напади, додавајќи дека залихите се дополнително намалени поради актуелниот конфликт на Блискиот Исток.