Четири лица загинаа, а над 60 се повредени по руски напад врз трговски центар во градот Павлоград, соопштија украинските регионални власти. Ударот се случил среде бел ден додека во објектот и на околните улици имало голем број цивили. Спасувачките екипи се уште ги пребаруваат урнатините и го гаснат пожарот што избувна веднаш по експлозијата.
Првичните информации за нападот ги објави украинскиот министер за внатрешни работи, Иван Вихивски, наведувајќи дека проектилот паднал врз трговскиот центар во центарот на Павлоград додека граѓаните ги извршувале секојдневните обврски.
Today in our city of Pavlohrad, the Russians killed people with drones who were simply near shopping malls. As of now, four people have been reported killed… My condolences to their families and loved ones. More than 60 people were wounded in this strike alone. Everyone is… pic.twitter.com/Z56SlFvh6c
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) September 10, 2026
Според првите проценки на полицијата и спасувачите, на местото на настанот веднаш биле регистрирани две жртви и 18 повредени. Набрзо потоа, бројот на настрадани драстично се зголеми како што спасувачките тимови навлегуваа во опожарените и урнати делови од комплексот.
Началникот на воената управа на Дњепропетровската област, Олександар Ханжа, во серија официјални соопштенија го ажурираше билансот на жртвите. До крајот на попладнето, бројот на загинати достигна четири лица, додека лекарска помош побарале повеќе од 60 луѓе.
Ханжа потврди дека меѓу повредените се наоѓаат и три деца, момчиња на возраст од 13, 14 и 15 години. Сите настрадани со изгореници, рани од шрапнели и скршеници се префрлени во најблиските болници под постојан медицински надзор.
Пожарот што зафати голема површина од трговскиот центар мобилизираше десетици противпожарни возила и спасувачки екипи на Државната служба за вонредни состојби на Украина.
Полицијата врши увид и собира докази за нападот врз цивилниот објект, а надлежните служби предупредуваат дека операциите за расчистување на теренот ќе продолжат сè додека не се проверат сите делови од урнатата конструкција.