Најмалку 37 загинати во рускиот напад во близина на Киев

Во нападот бил погоден магацин со оружје во Бучанскиот округ, по што следувала силна детонација. Оштетени се повеќе од 50 станбени објекти и дом за стари и лица со попреченост.

Најмалку 37 луѓе загинаа во рускиот напад врз населбата Мила, во близина на украинскиот главен град Киев, соопштија украинските власти. Уште 42 лица се повредени, меѓу кои и четири деца.

Руски дрон погодил магацин во кој се чувале муниција, беспилотни летала и други експлозивни материјали. Ударот предизвикал голема детонација и пожар што се проширил кон околните објекти во Бучанскиот округ, западно од Киев.

Според регионалните власти, оштетени се повеќе од 50 станбени згради и куќи, како и установа за стари лица и лица со попреченост. Од погоденото подрачје биле евакуирани повеќе од 380 луѓе.

Спасувачките екипи продолжуваат да работат на теренот, а властите предупредуваат дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми.

Меѓу загинатите е и Тарас Дидич, раководител на локалната заедница Дмитривка, кој пристигнал на местото за да помогне во спасувањето на жителите.

Зеленски најави истрага за складирањето на оружјето

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека рускиот напад ја предизвикал експлозијата во магацинот, но истовремено го постави прашањето зошто толкаво количество експлозивни материјали било складирано во близина на населено место.

Тој најави кривична истрага за евентуална службена небрежност и одговорност на лицата што дозволиле складирање муниција во непосредна близина на цивилни објекти.

Украинското Министерство за одбрана побара целосна проверка на локациите на кои се чуваат оружје и експлозивни материјали. Слична експлозија се случи во јули во Вишневе, исто така во Киевската област, кога во напад врз воен објект загинаа десет луѓе.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нападот бил објект во кој се наоѓале делови за украински беспилотни летала со долг дострел и друга воена опрема.

Нападот се случува во период на засилено руско бомбардирање на Киев и околните области. Украинскиот главен град трет ден по ред е изложен на речиси постојани воздушни тревоги и напади со дронови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс