Пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП), со која Мјанмар е прогласен за одговорен за геноцид врз народот Рохинџа, не претставува само правно признание на страдањата на жртвите. Таа отвора и ново поглавје во примената на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид од 1948 година, особено во однос на тоа како се докажува намерата за уништување на одредена група.
Со мнозинство од девет наспроти шест гласа, судиите во Хаг дадоа детални насоки за примената на Конвенцијата во случаи во кои некоја држава е обвинета за геноцид врз цела група население. Особено значајно е образложението за утврдување на геноцидната намера, еден од најтешките елементи за докажување во ваквите постапки.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја оцени пресудата како важна потврда на меѓународната правда и порака дека сторителите на вакви тешки злосторства не смеат да останат неказнети.
„Ова е демонстрација на меѓународната правда и потврда дека не смее да се дозволи неказнивост за вакви ужасни дела. За првпат Судот утврди одговорност на една држава за извршен геноцид“, изјави Гутереш за „Ројтерс“. Тој порача дека Мјанмар мора да ги исполни своите обврски и да постапи во согласност со одлуката.
Зошто пресудата внимателно ќе ја следи Израел?
Пресудата ќе биде особено внимателно анализирана во Израел, единствената друга држава против која во моментов се води постапка пред Меѓународниот суд на правдата по обвиненија за геноцид. Станува збор за предметот што го покрена Јужна Африка поради воените дејства во Појасот Газа.
Нејзиното значење се однесува и на Германија, против која Никарагва покрена постапка пред истиот суд, обвинувајќи ја дека овозможувала геноцид во Газа и не презела мерки за негово спречување.
„Мислам дека ова е пресуда што ѝ дава нов живот на Конвенцијата за геноцид“, изјави за британскиот „Гардијан“ Филип Сендс, истакнат адвокат за човекови права, кој бил дел од правниот тим на Гамбија.
„Таа ѝ дава практично, реално значење на Конвенцијата. Доколку Судот заземеше поинаков став, Конвенцијата во суштина ќе станеше мртво слово на хартија“, додаде Сендс.
Генералната секретарка на Амнести интернешнл, Ањес Каламар, ја нарече пресудата „редок момент на правда за преживеаните, жртвите и нивните семејства“. Одлуката, според неа, е и потврда за значењето на меѓународното хуманитарно право во време кога неговото почитување е сè послабо.
„Ова е добар ден за меѓународното право. Ни беше потребен“, изјави Ива Вукушиќ, доцентка по меѓународна историја на Универзитетот во Утрехт и експертка за воени злосторства. Таа оцени дека пресудата е исклучително важна бидејќи разјаснува повеќе правни прашања што ќе бидат корисни во идните постапки.
Се очекува одлуката да влијае и врз работата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, обезбедувајќи дополнителни правни насоки за утврдување на околностите во кои може да се подигнат обвиненија за геноцид против поединци.
Судот не го смени правниот стандард за докажување геноцид
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која има критички однос кон меѓународните судски институции, исто така внимателно го следи случајот. Американскиот амбасадор во Обединетите нации, пред објавувањето на пресудата, предупреди дека Меѓународниот суд на правдата не треба да го „намалува правниот праг за докажување геноцид“, за тој механизам да не се „користи како оружје“ против американските и сојузничките војници.
Судот, сепак, не го намали директно постојниот стандард за докажување геноцид, ниту Гамбија, која ја покрена постапката во Хаг, го бараше тоа. Судиите го задржаа критериумот според кој геноцидната намера мора да биде „единствениот разумен заклучок“ што произлегува од постапките на државата. Но, пресудата значително го разјасни начинот на кој овој стандард треба да се применува при оценувањето на масовните злосторства извршени од држави.
Досега пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид се водеа и постапки против Србија, покренати од Хрватска и Босна и Херцеговина. Во пресудата од 2007 година за случајот на Босна и Херцеговина, Судот утврди дека Белград не го спречил геноцидот во Сребреница во 1995 година, но не ја прогласи Србија за директен сторител на геноцид. Во двата предмета Србија не беше прогласена за одговорна за непосредно извршување на геноцид.
Во случајот со Мјанмар, Судот утврди директна одговорност на државата за геноцид врз Рохинџите, муслиманско етничко малцинство што беше цел на брутална воена кампања, чиј врв беше во 2017 година.
Не се оценуваше само бројот на убиени, туку и уништувањето на заедницата
При оценувањето на воената кампања во Мјанмар, Судот не го разгледуваше само бројот на убиените, кој се проценува на околу 10.000, туку и поширокиот опсег на нападите врз Рохинџите во северниот дел на сојузната држава Ракине. Според податоците наведени во постапката, околу 815.000 припадници на заедницата биле погодени од насилството и принудното раселување.
Особено важно е што судиите не ги земаа предвид само смртните случаи, туку и психолошките последици врз преживеаните, особено врз жртвите на сексуално насилство, како и последиците врз репродуктивната способност и иднината на заедницата.
Пресудата даде и дополнително толкување на правниот стандард воспоставен во претходните постапки против Србија. Според него, геноцидната намера може да се утврди само ако таа е единственото разумно објаснување за постапките на сторителот. Во случајот со Мјанмар, Судот прифати дека државата можела да има и други мотиви – како протерување или казнување на Рохинџите. Но, оцени дека тие мотиви можат да постојат истовремено со геноцидната намера.
Кога сите докази биле разгледани заедно, судиите заклучиле дека единственото разумно објаснување за постапките на Мјанмар е намерата да се уништи значителен дел од заштитената група.
Страдањето на децата и уништувањето на селата како докази
Судиите посочиле неколку околности што меѓународните правни експерти ги сметаат за важни и за постапката што се однесува на Газа. Предметот против Израел сè уште е во фаза на размена на писмени поднесоци, а се очекува да трае уште најмалку три години. Меѓу елементите што се разгледуваат е и страдањето на децата, кое Судот го опишал како напад врз самите „темели“ на заедницата Рохинџа.
Според податоците наведени во пресудата, биле убиени до 2.109 деца Рохинџи помлади од пет години. Во војната во Газа, пак, според податоците наведени во текстот на „Гардијан“, биле убиени повеќе од 5.000 палестински деца на истата возраст.
Друг отежнувачки фактор што го разгледувал Судот било уривањето со булдожери и расчистувањето големи површини по уништувањето на селата, проследено со забрзана изградба на нови објекти, меѓу кои и безбедносни постројки. Овие околности се посочуваат и во анализите на израелското воено присуство и разурнувањата во Појасот Газа.
Пресудата веќе предизвика загриженост кај дел од израелските правни експерти. Јувал Шани, професор по меѓународно право на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, изјави за „Тајмс оф Израел“ дека некои аспекти на одлуката „не навестуваат добро“ за Израел. Тој предупреди дека Судот го проширил начинот на кој се оценуваат доказите за геноцидна намера, особено со заклучокот дека таква намера може да постои и за време на воени операции што државата ги претставува како борба против тероризмот.
„Пресудата е полна со пораки за Израел. Се разбира, постојат очигледни разлики и доказите ќе бидат поинакви, но ако зборот Мјанмар го замените со зборот Израел, не би морале многу да менувате во пресудата“, изјави за „Гардијан“ Вилијам Шабас, професор по меѓународно право и експерт за геноцид на Универзитетот Мидлсекс.
Шест судии гласаа против
Фактот дека шест судии гласале против одлуката на мнозинството покажува дека значителен дел од правното образложение не бил прифатен едногласно. Правниците вклучени во постапката предупредуваат дека тоа не значи дека истиот Суд нужно би го прогласил Израел за одговорен за геноцид во Газа. Секој предмет се оценува врз основа на сопствените докази и околности.
Но, според нив, без пресудата за Мјанмар, постапката што ја покрена Јужна Африка против Израел би имала многу помали изгледи за успех. Новата одлука, сепак, не претставува пресуда за Газа, туку правна рамка што може да биде важна за понатамошното разгледување на случајот.
