Дипломатските активности за завршување на војната во Украина се интензивираат. Покрај средбата на лидерите на Кина, САД и Русија – Си Џинпинг, Доналд Трамп и Владимир Путин – во Берлин се состана и таканаречената Коалиција на подготвените, со цел да разговара за завршување на руската агресија и за продолжување на поддршката за Украина.
Европските земји минатата недела постигнаа договор за формирање преговарачки тим што би ја претставувал Европа во евентуалните идни мировни разговори меѓу Украина и Русија. Во него треба да учествуваат претставници на таканаречената група Е5 – Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Полска, како и претставници на Советот на ЕУ и Европската комисија.
Договорот следуваше откако двајца американски преговарачи навестија дека Европа треба да биде вклучена во следната рунда разговори. На средбите во Абу Даби, претходната недела, делегации од некои од европските земји што сега се избрани за тимот беа присутни, но не учествуваа директно во преговорите.
Каја Калас без мандат да ги води преговорите
Пред состанокот, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, се заложи токму таа да го предводи европскиот преговарачки тим. „Кога станува збор за европската безбедност, договорите се многу јасни. Антонио Кошта и високата претставничка ја претставуваат ЕУ во прашањата за безбедноста“, изјави Калас.
Антонио Кошта е претседател на Европскиот совет, институцијата во која се застапени сите 27 земји членки на Унијата. Калас додаде дека лидерите на земјите членки можат да донесат поинаква одлука, но потсети дека при распределбата на највисоките функции во ЕУ во 2024 година било јасно оти во следните пет години ќе биде потребно да се водат преговори со Русија.
Дали Калас е премногу непопустлива за преговарачката улога?
Договорите на ЕУ предвидуваат високиот претставник да ја води заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Тоа вклучува и нејзино претставување во дипломатските прашања, како и водење дијалог со трети земји.
Сабина Ланге, истражувачка во Центарот за дипломатски, економски и правни студии на Универзитетот во Љубљана, ги поддржува аргументите на Калас. Според неа, иако земјите членки не би ги прекршиле европските договори со ваква одлука, бидејќи надворешната политика остава простор за различни толкувања и постапување, нејзините политички последици би биле значајни.
Ланге посочува неколку причини зошто европските земји можеби не сакаат Калас да го предводи тимот. Дел од нив се поврзани со нејзиниот личен дипломатски пристап, а дел со институцијата што ја претставува. Калас би можела да биде доживеана како исклучително цврста преговарачка, недоволно подготвена за компромиси, што би можело да ја натера другата страна да ја одбие како соговорник. Поранешната премиерка на Естонија уште при именувањето беше позната по острите критики кон Русија. Германија, меѓу другото, ги критикуваше и нејзините ставови за Израел.
На институционално ниво, нејзината позиција би можела да биде ограничена и од фактот што е врзана со мандатот на земјите членки, што ѝ остава мал простор за самостојно водење преговори, оценува Ланге.
Калас: „Има доволно работа за сите“
Пол Тејлор, гостински соработник во Европскиот центар за политички студии (ЕПЦ), покрај личните фактори, укажува и на тоа дека земјите членки не сакаат да се откажат од националниот суверенитет во прашање што директно се однесува на војната и мирот. Според Тејлор, ваквиот развој е „тежок удар“ и за Каја Калас и за институцијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Во изјава за Дојче веле, тој посочува дека Калас би можела повторно да ја зајакне својата позиција доколку заедно со министрите за надворешни работи на земјите членки успее да обезбеди конкретен преговарачки мандат. Запрашана за неуспехот на нејзината иницијатива, Калас порача дека и натаму е подготвена да ја преземе улогата. Истовремено изрази олеснување што прашањето засега е решено и што вниманието може да се насочи кон суштината на преговорите.
„Има доволно работа за сите“, порача естонската политичарка.
Дали Русија ќе го прифати европскиот тим?
Во меѓувреме, од Русија пристигнуваат нееднозначни сигнали за тоа дали Москва би прифатила преговарачки тим составен од најмалку седум членови. По средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека европските претставници можат да дојдат во Москва и да ги изложат европските ставови. Потоа, според него, ќе се одлучи во каков формат ќе продолжат разговорите за Украина.
Но, ниту од европска перспектива прашањето не е целосно решено. Тешко е да се замисли дека на преговори на највисоко ниво, покрај претседателите на САД, Русија и Украина, за Европа би биле резервирани уште седум места на преговарачката маса. Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела во Даблин го отфрли прашањето кој би ја претставувал Европа во евентуалните четиристрани преговори како прерано за разгледување.
