Руски дрон погодил објект за складирање на потрошено нуклеарно гориво во близина на поранешната нуклеарна централа во Чернобил, соопштија украинските власти и државната компанија за нуклеарна енергија „Енергоатом“. Според нивните информации, нападот предизвикал значителна штета на приемната зграда на складиштето, но не дошло до истекување на радијација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, нарекувајќи го „исклучително опасен удар врз критична инфраструктура“. Според украинските власти, во моментот на нападот во погодената зграда немало складирано потрошено нуклеарно гориво, што спречило посериозни последици.
По ударот избувнал пожар кој брзо бил изгаснат, а не се регистрирани жртви ниту повредени. Мерењата покажале дека нивото на радијација останува во нормални граници и не претставува опасност за населението.
Од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопштија дека нивни експерти ќе извршат увид на локацијата. Агенцијата потврдила дека во непосредна близина на оштетената зграда се наоѓаат значителни количини нуклеарен материјал, поради што инцидентот предизвикал дополнителна загриженост за нуклеарната безбедност.
Ова не е прв инцидент поврзан со нуклеарни објекти во Украина. Во февруари минатата година беше оштетена заштитната конструкција над реакторот во Чернобил уништен во катастрофата од 1986 година. И тогаш немаше зголемување на нивото на радијација, но беа регистрирани значителни оштетувања на заштитниот систем.
Русија засега не се огласи официјално во врска со наводите за нападот. Во меѓувреме, Киев и Москва продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за загрозување на нуклеарната безбедност во текот на воениот конфликт.