Истрагата за убиството на Људмила Туркова Константиновна (28), чие тело беше пронајдено во куфер во каналот Визељ кај Падинска Скела во Белград, открива нови детали за трагичниот случај. Според српските медиуми, постои сомневање дека младата Русинка била убиена во изнајмен стан во белградската населба Борча, а главен осомничен е 25-годишен турски државјанин, за кого се тврди дека бил нејзин поранешен партнер.
Истражителите утврдиле дека безбедносните камери ги снимиле Људмила и осомничениот како заедно влегуваат во зградата во раните утрински часови на 26 јули. Следниот ден камерите го снимиле само осомничениот како ја напушта зградата, влечејќи голем куфер. Неколку дена подоцна, куферот со телото на младата жена бил пронајден во каналот.
Људмила допатувала во Белград како турист за да ги посети своите пријатели. Последната порака што ѝ ја испратила на својата мајка гласела: „Добро сум, ќе ти се јавам утре.“ По таа порака, семејството повеќе не успеало да стапи во контакт со неа, а нејзиното исчезнување било пријавено во полиција.
Осомничениот бил уапсен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ додека се обидувал да ја напушти Србија. Истрагата продолжува, а обвинителството собира дополнителни докази за да ги утврди сите околности поврзани со убиството.