Украинскиот главен град Киев рано утрово беше цел на масовен руски напад со балистички ракети и беспилотни летала, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Според неговите информации, во западниот дел на градот било погодено магацинско складиште, додека остатоци од соборени дронови паднале на спротивниот брег на реката Дњепар, каде избувнал пожар.
Пожарникарите успеале да го локализираат огнот, а изгаснат бил и пожарот што избувнал во уште едно погодено складиште во друг дел од Киев.
Напади и врз Харков и Одеса
Истовремено, руски дронови го нападнале и Харков, вториот по големина град во Украина. Градоначалникот Игор Терехов соопшти дека удари биле регистрирани во најмалку три градски населби. Воздушна тревога била активирана и во Одеса, по што локалните власти пријавиле експлозии.
Засега нема официјални информации за бројот на жртви или за обемот на материјалната штета. Украинските власти продолжуваат со проценката на последиците од нападите, додека руските сили во последните денови ги засилуваат воздушните удари врз украински градови.