Русија во раните утрински часови во вторникот изврши напад врз Киев со балистички проектили, при што беа предизвикани пожари во најмалку два дела од украинскиот главен град. Според информациите на украинските медиуми, погодени се магацински објекти во областа Голосијивски, додека во областа Дарницки остатоци од соборени проектили предизвикале пожари и запалиле неколку автомобили.
Жителите на Киев пријавиле силни експлозии уште пред активирањето на сирените за воздушна опасност. По нападот биле активирани системите за противвоздушна одбрана, а во градот се слушнале повеќе детонации.
Според неофицијални информации, Русија кон Киев истрелала меѓу шест и осум модифицирани балистички ракети С-400.
Кличко: „Останете во засолништа“
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека биле погодени магацински објекти на две локации во областа Голосијивски, каде избувнале пожари. Во областа Дарницки, остатоци од ракетите паднале на отворен простор и предизвикале пожар кај паркирани возила.
„Русија го напаѓа Киев со балистички ракети. Останете во засолништа“, порача Кличко додека траеше нападот.
И началникот на Киевската градска воена управа, Тимур Ткаченко, ги повика граѓаните да не ги напуштаат безбедните места додека трае опасноста.
Итните служби на терен
По нападите веднаш биле испратени екипи на итната помош и пожарникари на погодените локации.
Во моментот на објавување на информацијата немаше официјални податоци за евентуални жртви или број на повредени. Новиот напад врз Киев доаѓа во период на зголемени ракетни и дронски напади меѓу Русија и Украина, додека двете страни продолжуваат со удари врз воени и инфраструктурни цели.