Русија предложи шестчасовно примирје и го повика Зеленски на разговори во Москва

Русија предложи привремено примирје во Константиновка за предавање на телата на загинатите војници, додека Кремљ го повика Володимир Зеленски на директни разговори во Москва.

Русија предложи привремено примирје во градот Константиновка со цел да се овозможи предавање на телата на загинатите украински војници. Истовремено, Кремљ порача дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да отпатува во Москва на директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Според руското Министерство за одбрана, прекинот на борбените дејства е предложен за 6 јули, од 12:00 до 18:00 часот по московско време, од хуманитарни причини. Москва побара украинската страна да го соопшти својот одговор до 5 јули напладне.

Кремљ ја отфрли идејата за средба на фронтот

Откако Зеленски предложи средба токму во Константиновка, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, возврати дека украинскиот претседател може да дојде во Москва доколку сака директни разговори со Путин, отфрлајќи ја можноста за средба во градот на фронтот. Предлогот за примирје доаѓа по спротивставените информации од руските власти за состојбата во Константиновка.

Во текот на ноќта руските државни медиуми објавија дека Путин бил информиран оти градот е целосно заземен. Такво тврдење изнесе и началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, кој оцени дека освојувањето на Константиновка претставува важен чекор кон преземање на украинската одбранбена линија Славјанск–Краматорск.

Меѓутоа, неколку часа подоцна руското Министерство за одбрана соопшти дека борбите во градот сè уште продолжуваат.

Киев ги негира руските тврдења

Зеленски ги отфрли руските информации дека Константиновка паднала под руска контрола. „Тоа е уште една руска лага чија единствена цел е да создаде медиумска приказна. Ако градот навистина беше под руска контрола, Путин немаше да се противи да се сретнеме таму и да разговараме за дипломатско решение“, изјави украинскиот претседател.

И украинскиот Генералштаб соопшти дека Константиновка останува под украинска контрола, иако во градот се водат жестоки борби и руските сили навлегле во одредени делови.

Константиновка, заедно со Славјанск и Краматорск, е еден од најважните украински одбранбени центри во источниот дел на земјата. Контролата врз овој град се смета за клучна во борбите за целосно преземање на Доњецката област.

е-Трн да боцка во твојот инбокс