Русија во текот на ноќта изврши еден од најсилните воздушни напади врз Украина во последниот период, при што најтешко беше погоден Киев. Според украинските власти, најмалку девет лица загинале, а 89 се повредени низ земјата, додека спасувачките екипи сè уште трагаат по луѓе затрупани под урнатините.
Првите експлозии во украинската престолнина биле регистрирани околу 1:30 часот по локално време, по што следеле нови бранови ракетни и беспилотни напади. Во неколку делови од градот биле забележани прекини на електричната енергија и големи материјални оштетувања.
Урната деветкатница, спасувачите бараат преживеани
Најдраматична била ситуацијата во населбата Подилски, каде по серија експлозии делумно се урнала деветкатна станбена зграда. Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, постојат сомнежи дека повеќе лица останале заробени под урнатините.
Во различни делови од градот избувнале пожари на станбени објекти, деловни згради и возила, додека остатоци од соборени проектили и дронови предизвикале дополнителни оштетувања. Во областите Соломјански, Оболонски, Шевченковски и Холосиевски биле погодени повеќекатници, медицински објекти, бензински пумпи и деловни центри. Само во Киев загинале најмалку четири лица, а повеќе од 50 биле повредени, меѓу кои и две деца.
Напади и врз други украински градови
Тешко погоден бил и градот Днепар, каде што во ракетни напади врз станбени објекти загинале најмалку пет лица, а 25 биле повредени. Дел од зградите се делумно урнати, а меѓу хоспитализираните има и 13-годишно девојче. Во Харков, повеќе дронови и ракети погодиле станбени и административни објекти, при што биле повредени десет лица.
Штети се пријавени и во околните населби на киевскиот регион, вклучувајќи ги Буча и Вишгород.
Полска подигна борбени авиони
Поради масовниот напад во непосредна близина на границите на НАТО, Полска соопшти дека подигнала борбени авиони за заштита на својот воздушен простор и за следење на развојот на ситуацијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште пред неколку дена предупреди дека разузнавачките служби располагаат со информации за можен голем руски напад.
Тој ги повика граѓаните внимателно да ги следат предупредувањата за воздушна опасност и да ги почитуваат безбедносните протоколи, нагласувајќи дека руските сили подготвуваат нов бран масовни удари врз украинските градови. Нападот доаѓа во период на зголемени тензии на фронтот и дипломатски застој меѓу Москва и Киев, додека украинските власти предупредуваат дека земјата се соочува со сè поголем недостиг од системи за противвоздушна одбрана.