Британската тајна служба изгуби илјадници УСБ-стикови со строго доверливи податоци

Илјадници мемориски уреди со пресретнати пораки и разговори се водат како исчезнати од тајната агенција GCHQ.

Британската служба за електронско разузнавање GCHQ не може да лоцира илјадници свои уреди за складирање податоци на кои се наоѓаат материјали со висока доверливост. Извештајот на независното надзорно тело IPCO открива сериозни системски пропусти во водењето евиденција за преносливите медиуми. Меѓу исчезнатите уреди има УСБ-стикови, хард-дискови и мемориски картички со содржина пресретната врз основа на законските овластувања за следење комуникации.

Официјалниот извештај на Канцеларијата на комесарот за истражни овластувања (IPCO) документира дека разузнавачката агенција нема претстава каде завршиле илјадници надворешни мемории. Комесарот Брајан Левесон изјави дека раководството на службата со години не успева да даде прецизен одговор за судбината на преносливите медиуми.

Спорните уреди содржат податоци прибрани според британскиот Закон за истражни овластувања од 2016 година. Станува збор за пресретнати електронски пораки, СМС-комуникација, телефонски разговори и материјали директно преземени од компромитирани компјутери или паметни телефони.

Инспекторите од IPCO упатија директни критики за начинот на кој службата се справува со сопствените безбедносни дупки. Ревизијата констатираше незадоволство од темпото со кое агенцијата утврдува точен список на изгубените хардверски компоненти. Сличен проблем со следењето на преносливите мемории минатата година беше нотиран и кај домашната безбедносна служба MI5.


Портпаролот на GCHQ призна дека претходниот систем за управување со преносливите медиуми не овозможувал сигурно следење на опремата. Од агенцијата наведуваат дека ги прифатиле сите препораки на надзорното тело и дека спроведуваат мерки за надминување на ризикот, иако точната локација на илјадници дискови сè уште не е позната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс