По 140 години Финска останува без национална новинска агенција

По речиси век и пол постоење, новинската агенција СТТ го гаси новинарскиот сервис и укинува 89 работни места поради длабока финансиска криза.

Финската национална новинска агенција СТТ (Suomen Tietotoimisto) на 31 март 2027 година целосно ќе престане да емитува вести и фотографии, ставајќи крај на новинарскиот сервис стар речиси 140 години. Ваквиот потег доаѓа по неуспешните преговори за реструктуирање на сопственичката структура и долгогодишните финансиски загуби. Финска со ова ќе стане една од ретките европски држави што остануваат без сопствена новинска агенција како столб на јавното информирање.

Агенцијата СТТ, формирана во 1887 година, потврди дека одлуката за затворање е директна последица на континуираните финансиски загуби и неможноста да се најде одржлив бизнис-модел. Според раководството, компанијата не успеала да обезбеди доволно широка база на сопственици кои би биле подготвени да вложуваат во развој на новинарската продукција.

Клучниот удар се случи кога најголемиот акционер и клиент, медиумската групација „Санома медиа Финланд“ (Sanoma Media Finland), драстично го намали користењето на агенциските услуги. Финската влада се обиде да интервенира со помош од околу еден милион евра. Сепак, раководството на СТТ оцени дека таа сума не е доволна за долгорочен опстанок на сервисот.

Како директна последица на гаснењето на информативниот сервис, агенцијата ќе укине 89 работни места, од кои 68 се новинарски позиции. Дополнително, прекинуваат 30 договори за работа на определено време и со надворешни соработници.

Генералниот директор на СТТ, Кимо Лаксонен, ваквиот исход го оцени како тежок удар за целото општество. Единствениот дел од компанијата што ќе продолжи со работа е одделот за дистрибуција на соопштенија за јавност (STT Communication Services), кој функционира на комерцијална основа за деловни субјекти.


Губењето на националниот новинарски сервис ги остава помалите регионални и локални редакции без пристап до проверени вести од теренот. Тоа создава празен простор што лесно може да биде пополнет со нетранспарентни извори и алгоритмички пласирани содржини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс