Русија ги засилува саботажите во Европа: Германија и Полска се особено изложени на ризик

Бројот на инциденти поврзани со руските разузнавачки служби е зголемен за 16 проценти за една година, а употребата на експлозиви и подметнувањето пожари речиси се удвоиле, покажува нов извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии.

Саботажите во Европа што се поврзуваат со руските разузнавачки служби стануваат сè поопасни. Аналитичарите предупредуваат дека некој од идните напади би можел да предизвика голем број човечки жртви и да ги стави европските држави под силен притисок да возвратат кон Москва. Бројот на саботажи е зголемен за 16 проценти за една година, додека употребата на експлозиви и подметнувањето пожари речиси се удвоиле. Ова го покажува новиот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), објавен вчера, а за него пишува Си-ен-ен.

Меѓу целите се железничките пруги, аеродромите и енергетската инфраструктура. Особено изложени на ризик се Германија и Полска, две земји што имаат клучна улога во европската воена, индустриска и логистичка поддршка за Украина.

Германија и Полска се особено изложени на ризик

Само во Полска, од октомври минатата до септември оваа година, биле регистрирани 29 инциденти поврзани со Москва. Меѓу нив е и саботажата на железничката инфраструктура во ноември минатата година. Во инцидентот немало жртви, но полскиот премиер Доналд Туск предупредил дека целта на нападот најверојатно била уништување воз.

Авторите на извештајот сметаат дека нападите врз цивилната инфраструктура имаат и поширока политичка цел: да го поткопаат чувството на сигурност кај европските граѓани и да ја ослабат нивната поддршка за Украина. Ризикот од напад со голем број жртви расте како што се намалува просторот за погрешни процени, предупредуваат аналитичарите Чарли Едвардс, Том Филд и Зои Ламберт.

Таков инцидент би можел да предизвика барања за одмазда против Русија, но и да ги открие длабоките поделби меѓу европските влади околу тоа како треба да одговорат.

Европа ги апси извршителите, но не успева да ја одврати Москва

Еден од клучните заклучоци во извештајот е дека европските полициски и разузнавачки служби сè поуспешно спречуваат одделни саботажи, но засега не успеваат да ја запрат пошироката руска кампања. Европските земји уапсиле повеќе осомничени за саботажи, протерале руски разузнавачи и затвориле одредени руски конзулати. Сепак, според оцената на IISS, засега нема јасни докази дека овие мерки ја промениле стратегијата на Кремљ.

Апсењата ги погодуваат непосредните извршители, но не и руските разузнавачки структури што ги регрутираат и насочуваат, наведуваат авторите на извештајот. Аналитичарите утврдиле и дека саботажите се појавуваат во бранови низ Европа, што упатува на можноста за централно планирање од Москва.

Русија се обидува да ја зголеми цената на поддршката за Украина

Според авторите на извештајот, руската кампања има две поврзани цели. Првата е директно попречување на европската помош за Украина. Втората е долгорочно зголемување на економската и политичката цена на таа помош, со цел европските влади да почнат да ја преиспитуваат својата политика кон Киев.

Москва, притоа, се обидува да ги оствари своите политички и воени цели без да влезе во отворен вооружен судир со земјите членки на НАТО. Според авторите на извештајот, непосредната закана за европската безбедност е неконвенционалното војување, а не нуклеарен судир.


Клучното прашање е дали Европа ќе успее да ги претвори одделните национални реакции на саботажите во заедничка стратегија за одвраќање на Русија, пред некој од нападите да предизвика катастрофални последици, заклучуваат аналитичарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс