Дрон накратко навлегол во воздушниот простор на Летонија, НАТО испратил борбени авиони

Летонските вооружени сили соопштија дека леталото било од непознато потекло. Инцидентот се случил во време на украински напади со беспилотни летала врз руската Ленинградска област.

Дрон од непознато потекло накратко го нарушил воздушниот простор на Летонија во раните утрински часови, соопштија вооружените сили на земјата. Станува збор за уште еден случај на нарушување на воздушниот простор на земја членка на Европската Унија и НАТО.

Како одговор на инцидентот биле испратени борбени авиони на НАТО и пресретнувачки дрон, соопшти летонската војска. Привремено било издадено и предупредување за нарушување на воздушниот простор во источната општина Лудза. Подоцна било укинато и предупредувањето со понизок степен на опасност за општината Балви, северно од Лудза.

Во Русија соборени повеќе од 40 дронови

Предупредувањата во Летонија биле издадени во време кога руската Ленинградска област се бранела од напад со беспилотни летала. Според гувернерот на регионот, Александар Дрозденко, биле соборени повеќе од 40 дронови. Краткотрајното навлегување во летонскиот воздушен простор се случило во услови на зголемена загриженост дека војната во Украина би можела да се прошири и надвор од нејзините граници, со оглед на тоа што Киев и Москва редовно разменуваат напади.

И Полска во вторникот ја обвини Москва за намерно нарушување на нејзиниот воздушен простор, откако соопшти дека руски извидувачки дрон накратко ја преминал границата.


МЕТА ОПИС

е-Трн да боцка во твојот инбокс