Балканските лидери денеска во Охрид бараат заеднички одговори за европската иднина на регионот

На 15. самит на процесот Брдо-Бриони учествуваат претседателите на сите држави од Западен Балкан, заедно со лидерите на Словенија и Хрватска.

Претседателите на државите од Западен Балкан, Словенија и Хрватска денеска се собираат во Охрид на 15. самит на процесот Брдо-Бриони. Домаќин на средбата е македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со копретседавачите Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ. Во центарот на разговорите се забрзувањето на европската интеграција, спроведувањето на реформите во земјите-кандидати и зајакнувањето на регионалната економска соработка.

Официјалниот дел од програмата во хотелот „Инекс Олгица“ почнува во 10:45 часот со пречек на високите гости од страна на тројцата копретседавачи. По заедничката фотографија, лидерите во 11:00 часот ја отвораат главната пленарна седница. Покрај домаќинката Сиљановска-Давкова, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на масата седнуваат сите поканети државници од регионот.

Албанија ја претставува претседателот Бајрам Бегај, а од Босна и Херцеговина пристигнаа сите тројца членови на Претседателството: претседавачката Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ. Во Охрид учествуваат и претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, за кого ова е прво учество на овој регионален форум. По пленарната сесија следуваат билатерални средби, а завршната заедничка прес-конференција на копретседавачите е закажана за 14:30 часот.

Главната тема на годинашниот самит е европската перспектива на Западен Балкан. Учесниците анализираат како актуелните европски и глобални геополитички случувања влијаат врз безбедноста и стабилноста на регионот и врз секоја земја поединечно. На дневен ред се и конкретните реформи што земјите-кандидати треба да ги спроведат на патот кон Европската Унија, како и мерките за поттикнување на економскиот развој и меѓусебната поврзаност.


Процесот Брдо-Бриони е покренат во 2013 година по заедничка иницијатива на тогашните претседатели на Словенија и Хрватска, Борут Пахор и Иво Јосиповиќ. Името го носи по двете локации каде што се одржаа првите средби, замокот Брдо кај Крањ во Словенија и островите Бриони во Хрватска. Северна Македонија по трет пат е домаќин на овој годишен мултилатерален форум чија цел е политичка поддршка за евроинтеграцијата на Западен Балкан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс