Румен Радев победи на изборите: ветува „силна Бугарија во силна Европа“

Румен Радев убедливо победи на парламентарните избори во Бугарија со 44% од гласовите, најавувајќи борба против корупцијата и нова политичка стабилност.

Поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, оствари убедлива победа на парламентарните избори со околу 44 отсто од гласовите, покажуваат првичните проекции на агенциите за јавно мислење. Со ова, неговата политичка платформ, комбинација од антикорупциски пораки и поумерен, делумно прорускi пристап очигледно наиде на силна поддршка кај гласачите во најсиромашната земја членка на Европска Унија.

Осми избори за пет години

Овие избори се осми по ред во последните пет години, што ја отсликува долгогодишната политичка нестабилност во земјата. Се очекува уште три до четири партии да го минат изборниот праг и да влезат во парламентот, што значи дека ќе бидат потребни коалициски преговори за формирање влада.

Изборите беа распишани по падот на претходната влада, предизвикан од масовни протести поради контроверзен буџет, кој тогаш го поддржа и самиот Радев од претседателската позиција.

„Граѓаните ги одбија старите партии“

Во победничкиот говор, Радев им се заблагодари на гласачите:

„Граѓаните ја отфрлија самодоволноста и ароганцијата на старите партии и не наседнаа на манипулации“, изјави тој, додавајќи дека ќе работи на „силна Бугарија во силна Европа“.

Тој најави дека приоритет ќе бидат критичко размислување, прагматични политики и обновување на индустриската моќ и конкурентноста на земјата.

Баланс меѓу ЕУ и Русија

Румен Радев се смета за прагматичен лидер со поумерен став кон Русија. Тој често ги критикуваше санкциите на Европска Унија и повикуваше на дијалог со Кремљ.

Како поранешен пилот на МиГ-29 и командант на бугарските воздухопловни сили, тој исто така се противи на испорака на бугарско оружје за Украина, тврдејќи дека тоа го продолжува конфликтот.

Фокус на внатрешни реформи

И покрај надворешнополитичките ставови, кампањата на Радев беше главно насочена кон домашни теми – борба против корупцијата и создавање стабилна влада по години на кревки коалиции.

Аналитичарите оценуваат дека неговата идна политика би можела да наликува на пристапот на Роберт Фицо критичен кон одредени политики на ЕУ, но без целосно блокирање на европските одлуки.

Со ваков резултат, Бугарија влегува во нова политичка фаза, во која ќе се тестира дали ветувањата за стабилност и реформи ќе се преточат во конкретни резултати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни