Американскиот државен секретар Марко Рубио доцна синоќа пристигна во Атина, каде што денеска ќе се одржи шестиот круг од стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД. Рубио ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, а во попладневните и вечерните часови е планирана и средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Рубио и Герапетритис утрово ќе одржат билатерална средба, по што официјално ќе започне стратешкиот дијалог. Во рамките на разговорите ќе бидат опфатени повеќе области од билатералната соработка, а предвидено е да бидат потпишани и три договори.
Меѓу нив е обновувањето на Меморандумот за соработка за воведување увозни ограничувања за одредени категории археолошки и етнолошки материјали. Предвидено е и потпишување Писмо за намери за воспоставување соработка меѓу грчките вооружени сили и Националната гарда на Флорида, како и Меморандум за разбирање за заемно признавање на сертификатите за стручна оспособеност на морнарите.
Работните сесии ќе траат од 12 до 17 часот, а на нив ќе се разговара за регионалните и меѓународните случувања, безбедноста и одбраната, енергетиката, поморството, технологијата, трговијата и инвестициите. На дневен ред ќе биде и зајакнувањето на врските меѓу двете земји и нивните граѓани.
Рубио ќе зборува на Пника
Во попладневните часови Рубио треба да одржи говор на Пника, античкиот простор во центарот на Атина со поглед кон Акропол. Местото е тесно поврзано со развојот на атинската демократија и било простор на кој говореле познати атински државници и оратори.
Посетата на Атина Рубио ќе ја заврши со средба и работна вечера со премиерот Мицотакис. Според американскиот Стејт департмент, стратешкиот дијалог има цел дополнително да го продлабочи партнерството меѓу САД и Грција во приоритетни области, особено одбранбената соработка и регионалната и енергетската безбедност.
Грчката влада посетата ја опиша како „многу важна“, особено во актуелниот регионален контекст. Портпаролот Павлос Маринакис во понеделникот изјави дека стратешките односи меѓу Грција и САД постојано се зајакнуваат, посочувајќи ги и големите енергетски договори со американски компании.
Атина под силни безбедносни мерки
Рубио во Атина пристигна нешто по 21 часот, а на аеродромот го пречекаа Герапетритис и американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл. Неговата посета, сепак, предизвика и протести.
Неколку часа пред неговото пристигнување, пред грчкиот Парламент протестираа синдикатот ПАМЕ, поврзан со Комунистичката партија на Грција, левичарски партии и организации и студентски здруженија. Протестите беа насочени против посетата на американскиот државен секретар.
Поради посетата, денеска во Атина се спроведуваат засилени безбедносни мерки, а повремено ќе се затвораат улици во центарот на градот. Полицијата донесе и одлука со која се забранети собири и протести.
Стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД беше воспоставен во 2018 година како институционална рамка за следење и продлабочување на билатералната соработка. Претходниот, петти круг се одржа во февруари 2024 година во Вашингтон, додека Атина една година претходно беше домаќин на четвртиот круг.
Рубио утре наутро ќе ја напушти Грција и ќе отпатува за Португалија.