„Розов пикник појадок“ денеска во Градски парк: Поддршка за жените со рак на дојка

Настанот кај „Школка“ има за цел да ја подигне свеста за превентивните прегледи, препознавањето на симптомите и навременото откривање на ракот на дојка.

Во Градскиот парк во Скопје, кај „Школка“, денеска ќе се одржи „Розов пикник појадок“, настан организиран во партнерство меѓу здружението ХЕМА-ОНКО и „Medicus Help“, под слоганот „Крилјата различни. Борбата лична. Поддршката заедничка“.

Настанот е посветен на жените кои живеат со рак на дојка, со порака дека иако секоја борба со болеста е лична и различна, поддршката од заедницата може да биде заедничка.

Организаторите посочуваат дека целта е да им се даде поддршка на жените кои се соочуваат со болеста, но и да се поттикне поголема свест за значењето на превентивните прегледи, препознавањето на симптомите и навременото откривање на ракот на дојка.

„Иако секоја борба е лична и единствена, таа станува полесна кога се споделува со некој што разбира и чекори по истиот пат“, велат организаторите. Програмата на „Розовиот пикник појадок“ ќе биде проследена со активности и содржини посветени на поддршката, информирањето и подигнувањето на свеста.

На настанот се поканети сите, без оглед на возраста и полот, кои сакаат да дадат поддршка и да придонесат кон поотворена дискусија за ракот на дојка. Пораката на организаторите е дека подигнувањето на свеста, навременото откривање и поддршката за луѓето кои се соочуваат со болеста се заедничка одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс