Франција пред нов студентски бран: За 6 октомври најавен голем протест

Протестите што започнаа во парискиот регион се проширија низ земјата, а учениците и студентите бараат повеќе наставници, подобри услови и промени во образовниот систем.
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

Протестното движење што започна во француските средни училишта се прошири низ целата земја, а ученичките и студентските организации најавија нова национална мобилизација за вторник, 6 октомври. На повикот се приклучија и повеќе синдикати во образованието, кои најавија штрајк и протести.

Движењето започна во средината на септември во средно училиште во Кретеј, во близина на Париз, а потоа се прошири низ Франција. Главните барања се однесуваат на недостигот од наставници и друг кадар, пренатрупаните паралелки, состојбата на училишните згради, преоптоварените распореди и притисокот поврзан со системот за упис на факултетите преку платформата „Паркoрсуп“ (Parcoursup).

Обемот на мобилизацијата значително порасна во последните денови. Според француското Министерство за внатрешни работи, до 3 октомври биле погодени 735 образовни установи, додека полицијата регистрирала насилни инциденти во близина на 158 од нив. Од понеделникот биле приведени повеќе од 5.000 лица, според министерот за внатрешни работи Лоран Нинез.

Во дел од градовите протестите беа проследени со судири, оштетување имот и употреба на солзавец. Полицијата и властите предупредуваат на насилни групи кои се приклучиле кон протестите, додека дел од демонстрантите, учениците и нивните поддржувачи обвинуваат за прекумерна употреба на сила. Во меѓувреме, францускиот полициски врв повика протестите да се вратат во мирни рамки.

Во протестите се вклучија и студенти од универзитети. Француските медиуми известуваат за блокади и мобилизација на повеќе кампуси, додека студентските организации ги поврзуваат своите барања со условите за студирање и со системот „Паркoрсуп“.

Министерот за образование Едуар Жефреј во петокот се сретна со претставници на ученичките и студентските организации, родители и наставници. По средбата, ученичките организации оценија дека не добиле доволно конкретни одговори за нивните барања и повикаа на продолжување на мобилизацијата.

На 6 октомври протестот ќе добие поширока синдикална поддршка. Повеќе образовни синдикати, меѓу кои ФСУ и „Солидар“/SUD-Éducation, ги повикаа своите членови да штрајкуваат и да учествуваат на демонстрациите, барајќи повеќе вработени, помалку пренатрупани паралелки и подобри услови за учениците и наставниците.

Протестите се одвиваат во поширок контекст на дебата за францускиот буџет и издвојувањата за образованието. Движењето, кое започна со блокади на средни училишта и конкретни барања за условите во образованието, сега опфаќа ученици, студенти и дел од просветните работници.

На 6 октомври ќе се види колкав ќе биде обемот на новата мобилизација и дали протестите ќе продолжат да се шират и надвор од образовниот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс