Ројтерс анализа: Војната со Иран го прекрои Блискиот Исток – кои држави излегоа како победници, а кои како најголеми губитници

Шестнеделната израелско-американска воена кампања против Иран предизвика драматични промени на Блискиот Исток. Reuters анализира како војната ги редефинираше безбедносните и економските односи во регионот и кои земји платија највисока цена.

Војната што започна на 28 февруари со масовна израелско-американска кампања на бомбардирање врз Иран предизвика најголем геополитички потрес на Блискиот Исток во последните децении. Според анализата на Reuters, конфликтот не само што уништи инфраструктура и економии, туку и целосно ги промени досегашните претпоставки за регионалната безбедност.

Покрај Иран, второто големо жариште стана Либан, каде што Израел во март започна копнена офанзива и интензивни воздушни напади против Хезболах, откако групата истрела ракети кон Израел во знак на поддршка за Техеран.

Иран: Огромни загуби, но режимот останува стабилен

Во нападите беше убиен врховниот лидер Али Хамнеи, заедно со повеќе високи функционери и генерали. Сепак, според Reuters, системот на владеење во Иран останал цврст, а наследник станал неговиот син, додека Исламска револуционерна гарда дополнително ја зацврстила својата моќ.

Во шестнеделните воздушни напади загинале илјадници Иранци, меѓу нив и деца во училиште погодено уште првиот ден од војната. И покрај претходните масовни антивладини протести, во текот на конфликтот речиси и да немало организиран внатрешен отпор.

Затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран се покажало како ефикасно средство за притисок и одвраќање од нови напади. Воедно, западните проценки велат дека Техеран и понатаму располага со повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум.

Но цената за Иран е огромна. Блокадата на пристаништата и постојаните воздушни удари сериозно ја оштетиле економијата, а расте и ризикот од нови внатрешни немири. Дополнително, нападите врз земјите од Заливот и продолжените израелски акции против Хезболах би можеле уште повеќе да го изолираат Техеран во регионот.

Израел: Воени успеси без целосна победа

Израел постигнал значителни воени успеси преку ликвидација на високи ирански команданти и уништување на дел од воената инфраструктура. Израелската противвоздушна одбрана пресретнала поголем дел од иранските ракети, иако некои сепак погодиле цели.

Сепак, клучните цели на војната не се целосно исполнети. Исламската Република Иран останува на власт, а нејзините балистички ракети и дронови и понатаму претставуваат закана. Нуклеарната програма, иако оштетена, може повторно да биде обновена.

Во Либан, Израел му нанесе сериозни загуби на Хезболах и формираше тампон-зона на либанска територија, што Тел Авив го смета за неопходно за безбедноста на северната граница. Но аналитичарите предупредуваат дека таквата стратегија може да доведе до долготрајна окупација без реални шанси за траен мир.

Дополнителен ризик за Израел е меѓународниот притисок. По критиките за војната во Газа, новиот конфликт што влијаеше и врз глобалната економија може да ги наруши односите со дел од западните сојузници.

Либан: Најголемиот губитник во конфликтот

Либан претрпе најтешки последици од конфликтот. Илјадници луѓе загинаа, а во првите недели од војната речиси четвртина од населението беше принудено да ги напушти своите домови. Иако во април беше договорено примирје, Израел продолжи со воздушни напади низ либанската територија, додека цели села на југот беа срамнети со земја.

Во меѓувреме, САД и Израел вршат силен притисок врз либанската влада да го разоружа Хезболах. Таквиот потег би можел дополнително да ги продлабочи секташките поделби во земјата, која и натаму ги носи последиците од граѓанската војна од 1975 до 1990 година.

Обединетите Арапски Емирати: Под удар, но и поотпорни

Обединети Арапски Емирати беа една од главните цели на иранските одмазднички напади врз земјите од Заливот. Нападите погодија цивилна инфраструктура и енергетски капацитети.

Како одговор, Абу Даби дополнително ги зајакна врските со САД и Израел, со кој ги нормализираше односите преку Аврамовите договори од 2020 година. За разлика од некои соседни држави, Емиратите располагаат со нафтовод што овозможува дел од извозот на нафта да се пренасочи надвор од Ормускиот Теснец. Тоа им дава поголема отпорност во случај на долготрајна блокада.

Сепак, војната претставува сериозна закана за позицијата на ОАЕ како глобален финансиски и бизнис-центар во регионот.

Саудиска Арабија: Добивка од високите цени на нафтата, но и долгорочен ризик

Саудиска Арабија, како најмоќна земја во Заливот, засега успева да профитира од високите цени на нафтата. Благодарение на нафтоводите преку Црвеното Море, Ријад може да извезува најголем дел од својата нафта и покрај кризата во Ормускиот Теснец.

Но Reuters предупредува дека долгорочната економска нестабилност и регионалната несигурност би можеле сериозно да ги загрозат амбициозните економски планови на кралството и стратегијата за модернизација на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс