Мрежата за заштита од дискриминација реагира: Собранието ги легитимира сомнителните ставови на „Родителски фронт“

Од Мрежата предупредуваат дека институциите мора да разликуваат демократско учество во јавна расправа од легитимирање актери кои шират дезинформации, страв и поделби.
Foto: Facebook

Мрежата за заштита од дискриминација реагира на, како што велат, сè почестото вклучување на здружението „Родителски фронт“ од Струмица во собраниски јавни расправи и институционални процеси. Од Мрежата оценуваат дека ваквиот пристап не претставува само отворање простор за граѓански организации, туку и институционално легитимирање на актер чиј јавен дискурс, според нив, е проблематичен.

Во реакцијата се наведува дека претставници на „Родителски фронт“ од почетокот на годината биле поканети на најмалку две собраниски дебати, јавната расправа за измените на Кривичниот законик и јавната расправа за влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје, организирана во рамки на Собранискиот клуб за младински прашања.

Мрежата нагласува дека здружението има право на свои конзервативни ставови и јавен ангажман, но предупредува дека неговите јавни објави и настапи, според нив, содржат анти-ЕУ реторика, морална паника, теории на заговор и дезинформации, особено во однос на родовата еднаквост, ЛГБТИК+ правата, сеопфатното сексуално образование, граѓанските организации и меѓународните институции.

„Родителски фронт“ е здружение од Струмица кое во јавноста се претставува како организација што ги застапува семејните вредности, родителските права и правата на децата. Во 2023 година здружението беше промовирано во Струмица со пораки против, како што наведуваа организаторите, „родова идеологија и индоктринација на децата“, а во 2025 година имаше и средба со градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, објавена на официјалната страница на општината.

Од Мрежата предупредуваат дека проблемот не е во учеството на граѓански организации во јавни расправи, туку во тоа дали институциите прават разлика меѓу демократско учество и давање институционална тежина на актери кои, според нив, шират дезинформации и ја поткопуваат довербата во експертизата, академската автономија и политиките засновани на човекови права.

Тие бараат Собранието и релевантните институции да воспостават јасни критериуми за учество на граѓански организации во јавни расправи, особено кога се разговара за деца, млади, образование, ментално здравје, насилство, родова еднаквост и човекови права.

Во реакцијата се додава дека писмото било испратено до службените електронски адреси на сите пратеници и до архивата на Собранието, но од архивата, според Мрежата, известиле дека нема да биде дистрибуирано до сите пратеници бидејќи е потпишано само од Мрежата за заштита од дискриминација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс