Снимил сопруга во неверство со роботска правосмукалка, па доби затвор

Маж од Тајван доби оштета за прекршен брак, но судот го казни со пет месеци затвор поради снимање без согласност во спалната соба.
Фото: Photo by Jens Mahnke on StockSnap

Окружниот суд во тајванскиот град Таојуан осуди маж на пет месеци затвор затоа што преку паметна роботска правосмукалка тајно ја снимал својата сопруга за време на неверство. Иако снимката ја искористи како доказ за да добие отштета во граѓанска парница, истиот материјал го одведе на кривичен суд поради грубо нарушување на приватноста во сопствениот дом.

Брачните проблеми започнале во 2023 година, две години по венчавката, кога сопругот забележал предмети од непознат маж во семејната викендичка во областа Гуишан. Прегледот на надворешните безбедносни камери потврдил дека друго лице редовно ја носи жената дома и престојува таму.

Разврската се случила на Божиќ истата година. Сопругот се обидел да воспостави контакт преку мобилната апликација на роботската правосмукалка, планирајќи да иницира гласовен повик. Наместо тоа, го вклучил видеопреносот во живо од уредот. На екранот ја затекнал сопругата со друг маж и веднаш почнал да го снима материјалот.

Снимените кадри послужија како главен аргумент во тужбата каде што тој побара два милиони тајвански долари, односно околу 54.000 евра. Според тајванскиот закон, неверството не е кривично дело, но изневерениот партнер има право на граѓанска отштета поради непочитување на брачните обврски. Судот делумно го прифати неговото барање и му досуди четвртина од побараната сума, околу 13.500 евра.

Веднаш по пресудата следеше противтужба. Сопругата отвори кривична постапка со образложение дека снимањето без знаење и согласност претставува директно кршење на законот.

Судијата пресуди дека секој граѓанин има уставно загарантирано право на приватност во интимен простор, дури и кога станува збор за брачен партнер. Фактот што жената била снимена без облека бил клучен за затворската казна од пет месеци. Казната според закон може да се замени со парична глоба од 150.000 тајвански долари (околу 4.000 евра), со право на жалба до повисока инстанца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс