Регулаторната комисија за енергетика денеска ја прави новата пресметка на цените на горивата, откако на светските берзи беше забележан значителен раст на цената на нафтата. Неизвесно е дали следната недела бензините и дизелот ќе поскапат.
Новата пресметка на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе покаже дали граѓаните ќе плаќаат поскапи горива, по растот на цените на нафтата на светските пазари.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека очекува зголемување на цените поради состојбата на Блискиот Исток, но најави можност за намалување на акцизите за дизелот и безоловните горива.
„Немаме направено калкулација за покачувањата, но ќе има секако бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатава недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека поради продолжувањето на кризната состојба Владата ќе реагира со намалување на акцизите доколку има потреба.
Според последната одлука на РКЕ, максималните малопродажни цени на горивата во моментов се:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 87 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 89 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 88 денари за литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1): 86 денари за литар
- Мазут М-1 НС: 42,168 денари за килограм
Одлуката на РКЕ за новите цени ќе зависи од движењето на берзанските цени на нафтените деривати и курсот на доларот во изминатиот период.