„Риголето“ од Верди на сцената на Националната опера и балет

Една од најзначајните опери на Верди ќе биде изведена на 13 мај во НОБ, со меѓународен уметнички тим и солисти од земјава и странство.

Една од најзначајните музички драми во оперската литература, „Риголето“ од Џузепе Верди, ќе биде изведена на 13 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет, во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“.

Со оваа изведба, публиката ќе има можност да ја проследи трагичната приказна за љубомората, одмаздата, моќта и жртвата, инспирирана од драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго. „Риголето“ е опера која силно ја отвора темата за човечката природа и нејзините темни страни, преку емоционален музички јазик и една од најпрепознатливите партитури на Верди.

Диригент на изведбата е Џанлука Мартиненги од Италија, режијата е на Пјер Франческо Маестрини од Италија, сценографијата ја потпишува Гилермо Нова од Шпанија, костимограф е Кристина Ачети од Италија, а кореограф е Саша Евтимова. Хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Насловната улога, Риголето, ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис Де Висенте. Во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски, Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен од Кина, а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски.

Во останатите улоги настапуваат Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Операта „Риголето“ е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, една од најпознатите и најизведувани арии во оперската уметност. Со својата драмска сила, препознатлива музика и емоционална напнатост, ова дело останува едно од централните остварувања во оперскиот репертоар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни