Почина австралискиот доктор Ричард Скoлаер: водечки експерт за меланом кој се подложи на експериментален третман

Познатиот австралиски лекар и научник Ричард Сколејер почина три години по дијагнозата на агресивен тумор на мозок. Тој стана светски познат откако прифати експериментална имунотерапија која привлече големо внимание во медицинската заедница.

Австралискиот доктор Ричард Сколејер, еден од водечките светски експерти за меланом, почина три години по поставената дијагноза на агресивен тумор на мозок.

Сколејер, кој имал 59 години, стана глобално познат откако се согласи на ризичен експериментален третман за глиобластом, во рамки на првиот ваков пристап во светот, предводен од неговата колешка и пријателка, професорката Георгина Лонг. Терапијата се базирала на претходни научни истражувања во третманот на рак на кожа.

Нивната работа на напреднат меланом довела до значајни подобрувања во терапијата и спасила бројни животи, а резултатите од неговото лекување на мозочниот тумор поттикнале и клинички испитувања во САД, пишува BBC.

Во 2024 година, Сколејер бил прогласен за Австралиец на годината заедно со Лонг.

Тој бил коосновач и директор на Melanoma Institute Australia, а заедно со Лонг во последната деценија придонеле за развој на имунотерапија која го користи имунолошкиот систем во борба против канцерогени клетки. Благодарение на овие истражувања, денес околу половина од пациентите со напреднат меланом можат да се сметаат за излечени, додека порано тој процент бил под 10%.

Сколејер во повеќе наврати истакнувал дека не сакал пасивно да ја прифати дијагнозата, туку да придонесе кон напредокот на медицината и во најтешките моменти.

Иако и тој и неговиот медицински тим биле свесни дека шансите за излекување се минимални, експерименталниот пристап имал за цел да го продолжи неговиот живот и да даде нови научни сознанија.

Неговата работа и личен пример оставија силен белег во светската онкологија, а по неговата смрт бројни колеги и институции му оддадоа почит, опишувајќи го како исклучителен научник и човек кој ја менувал медицината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс