Резолуцијата за Вуковар во ЕУ претрпе пет измени

Европските политички групи постигнаа компромис за резолуцијата за Вуковар. Ова се пет измени ја отворија вратата за поддршка од либералите.

Политичките групи во Европскиот парламент постигнаа договор за конечниот текст на резолуцијата по повод 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар. Предлогот, инициран од хрватските европратеници, претрпе пет измени, меѓу кои се вклучени посетата и извинувањето на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ во Овчара, како и изменета формулација за одговорноста на политичките и општествените кругови во Србија.

По постигнатиот компромис, поддршка за резолуцијата најавија и либералите од политичката група „Обнова на Европа“ (Renew Europe), кои претходно поднесоа сопствен предлог. Така, Европскиот парламент во четврток во Стразбур ќе гласа за еден усогласен текст, објави „Вечерњи лист“.

Првичниот предлог беше покренат од европратеникот на ХДЗ, Карло Реслер, со поддршка од сите хрватски европратеници. Зад него застанаа четири политички групи: Европската народна партија, социјалдемократите, конзервативците и Зелените.

Кои се петте измени во резолуцијата?

Во конечниот предлог останува формулацијата за великосрпската агресија врз Хрватска во времето на Слободан Милошевиќ. Сепак, оддавањето почит на жртвите сега е проширено и на жртвите од другите војни за време на насилното распаѓање на Југославија. Во текстот е внесена и посетата на тогашниот српски претседател Борис Тадиќ на Овчара во 2010 година. Тадиќ тогаш, заедно со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, им оддаде почит на жртвите и се извини за извршените злосторства. Во резолуцијата се нагласува и значењето на помирувањето и расветлувањето на судбината на исчезнатите лица.

Третата измена се однесува на семејствата на исчезнатите. Се истакнува дека семејствата на исчезнатите лица од сите националности сè уште чекаат информации за судбината на своите најблиски. Четвртата измена ја менува формулацијата за одговорноста за поттикнување етнички тензии и непријателства преку ултранационалистичка реторика и идејата за Голема Србија. Наместо претходното споменување на Милошевиќ и припадниците на српскиот политички и општествен естаблишмент, во конечниот текст, покрај Милошевиќ, се наведуваат влијателни поединци од српските аналитички, политички и интелектуални кругови.

Последната измена е терминолошка. Наместо „Територијална одбрана на Србија“, во резолуцијата ќе се користи називот „српска Територијална одбрана“.

Седум организации за човекови права поддржаа алтернативен предлог

На договорот му претходеа несогласувања околу содржината на резолуцијата. Претставници на српските студенти јавно се спротивставија на предлогот на хрватските европратеници, додека седум организации за човекови права од просторот на поранешна Југославија го поддржаа алтернативниот текст што во име на либералите го поднесе австрискиот европратеник Хелмут Бранштетер. Меѓу организациите се хрватската „Документа“ и српскиот Фонд за хуманитарно право. Нивното заедничко соопштение го објави и српската активистка за човекови права Наташа Кандиќ.

Организациите побараа во резолуцијата да се споменат и српските цивили кои биле убиени или исчезнале во Вуковар пред почетокот на опсадата на градот. Тие се заложија за примена на еднакви критериуми кон сите држави во регионот при соочувањето со военото минато, како и за утврдување индивидуална одговорност за воените злосторства. За разлика од предлогот на хрватските европратеници, алтернативниот текст не ги споменуваше концентрационите логори во Србија.

Што бара резолуцијата од Србија?

Предлогот на хрватските европратеници од Србија бара отворање на воените архиви, доставување информации за локациите на масовните гробници, соработка во процесуирањето на воените злосторства и донесување закон за исчезнатите лица.


Целта на иницијативата е страдањето на Вуковар да стане дел од заедничкото европско историско сеќавање, но и да се нагласи потребата од утврдување на одговорноста за воените злосторства и расветлување на судбината на исчезнатите.Доколку биде усвоена, ова ќе биде првата резолуција на Европскиот парламент посветена конкретно на страдањето на Вуковар. Сепак, резолуцијата нема правно обврзувачка сила. Нејзиното усвојување само по себе нема да воведе нови услови за членството на Србија во Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс