ОЕЦД со најниски резерви на нафта во последните 20 години

Американската ЕИА предупредува дека резервите на нафта во земјите на ОЕЦД би можеле да паднат на најниско ниво од 2003 година поради конфликтите на Блискиот Исток и проблемите со снабдувањето.

Резервите на нафта и нафтени деривати во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) до крајот на годинава би можеле да паднат на најниското ниво од 2003 година, предупредува Американската управа за енергетски информации (ЕИА).

Според најновата краткорочна енергетска прогноза на агенцијата, вкупните залихи во земјите на ОЕЦД би можеле да се намалат под 2,3 милијарди барели до декември.

Причината е продолжената нестабилност на светскиот енергетски пазар поради конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето од регионот на Персискиот Залив. Според проценките, од глобалниот пазар во моментов недостигаат околу 11 милиони барели нафта дневно.

ЕИА својата прогноза ја темели на претпоставката дека транспортот низ Ормускиот теснец ќе биде повторно воспоставен во текот на третото тримесечје од годинава. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека целосната нормализација на поморскиот сообраќај и нафтените текови може да потрае значително подолго.

Во обид да се ублажи притисокот врз пазарот, Меѓународната агенција за енергија (IEA) претходно најави ослободување на речиси 412 милиони барели нафта и деривати од стратешките резерви. Дополнително, Соединетите Американски Држави соопштија дека ќе пуштат уште 172 милиони барели нафта на пазарот.

И покрај овие мерки, експертите предупредуваат дека понудата и натаму не успева целосно да ја покрие побарувачката, што создава дополнителен притисок врз цените.

Неизвесноста околу можен договор со Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец останува еден од клучните фактори што ги движат светските пазари. Иако најавите за дипломатски напредок привремено ги смирија ценовните шокови, значителен дел од производството во регионот сè уште не е вратено во нормала.

Според прогнозите на ЕИА, просечната цена на суровата нафта од типот Брент во јуни и јули би можела да достигне околу 105 долари за барел. Од агенцијата очекуваат цените да останат покачени сè додека не се стабилизираат глобалните нафтени текови и не почне обновување на резервите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс