Револут под уцена: Сајбер криминалци бараат откуп за корисничките бази

Дигиталната банка предала приватни досиеја на 680 корисници по измама со службен владин мејл, уценувачите сега бараат 10.000 биткоини.

Финтек гигантот Револут се соочува со сериозен безбедносен скандал откако сајбер криминалци упатија закани дека јавно ќе ги објават украдените досиеја на стотици клиенти доколку не им биде исплатен огромен откуп. Британскиот регулатор за заштита на личните податоци веќе отвори официјална истрага за пробивот, во кој компанијата претходно предала доверливи информации на 680 корисници наседнувајќи на лажни барања испратени од компромитирана електронска адреса на државна институција.

Според информациите што ги објави Фајненшел тајмс, напаѓачот дошол до вистинска адреса на државна институција и оттаму испратил навидум официјални барања за увид во сметки. Безбедносниот тим на Револут поверувал дека станува збор за легитимна постапка на органите на прогонот и ги предал бараните кориснички досиеја.

Обемот на компромитирани податоци се разликува кај секој од 680-те погодени корисници. Во украдените пакети се наоѓаат фотографии за потврда на идентитетот, копии од лични документи, домашни адреси, броеви на банкарски сметки и детални трансакции реализирани преку биткоин.

По предавањето на податоците, лицата што стојат зад упадот почнаа да се закануваат со јавно пласирање на досиејата доколку компанијата не плати 10.000 биткоини. Тврдењата за астрономскиот откуп првично се раширија на социјалните мрежи и специјализираните безбедносни форуми.

Од Револут засега не ја потврдуваат точната сума на откупот ниту автентичноста на материјалите што уценувачите наводно веќе почнале делумно да ги споделуваат.

Британската канцеларија на комесарот за информации (ICO) започна детална проверка дали финтек платформата применила соодветни заштитни протоколи пред да ги предаде личните податоци на трети лица. Случајот наметнува ризик од насочени финансиски измами и кражба на идентитет кај сите засегнати клиенти, со оглед на тоа што изложените пакети содржат комплетни сетови за биометриска верификација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс