Ревизија алармира: Инспекторатот за градежништво останува без ниту еден инспектор

Последниот редовен директор се пензионирал на крајот на 2025 година, а во меѓувреме Владата именувала в.д. директори со решенија за периоди подолги од законски дозволеното. Ревизијата предупредува дека ваквата состојба создава ризик за неефикасно управување со институцијата.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) со години функционира со сериозни кадровски и управувачки проблеми, предупредува Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година. Според ревизорите, институцијата веќе осум години се раководи од вршител на должност директор, иако законот дозволува оваа функција да се извршува најмногу шест месеци.

Последниот редовен директор се пензионирал на крајот на 2025 година, а во меѓувреме Владата именувала в.д. директори со решенија за периоди подолги од законски дозволеното. Ревизијата предупредува дека ваквата состојба создава ризик за неефикасно управување со институцијата.

Проблемите се уште поголеми кога станува збор за инспекцискиот кадар. Од 19 систематизирани работни места за инспектори, во 2024 година инспекциски надзор извршувале само пет инспектори – три во областа на градежништвото и два во урбанизмот. Едно од местата за градежен инспектор, пак, од август 2024 година било ставено во мирување.

Во моментот на ревизијата, надзорот во градежништвото го вршел само еден инспектор, кој до крајот на 2025 година стекнал право на старосна пензија. Со неговото повлекување, предупредуваат ревизорите, инспекторатот ќе остане без ниту еден градежен инспектор и без можност да спроведува надзор во оваа област.

Дополнително, ревизијата утврдила и несоодветна организација на инспекцискиот надзор во урбанизмот, како и недоставување на задолжителните шестмесечни извештаи за постапување по претставки и предлози од граѓаните.

При увид во 17 предмети за извршен инспекциски надзор, ревизорите констатирале неправилности во шест случаи поврзани со бесправна градба. Општините постапиле само по четири од нив, додека еден предмет бил доставен до Министерството за внатрешни работи поради непреземени мерки од страна на овластен градежен инспектор.

Покрај тоа, извештајот посочува и на слабости во пописот на средства и нивните извори, како и недостатоци во процесот на пресметка и исплата на платите во институцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс