Корисниците на Инстаграм деновиве масовно го преплавија фидот со ретро портрети инспирирани од осумдесеттите години на минатиот век, користејќи генеративна вештачка интелигенција преку четботот ChatGPT. Наместо вообичаените филтри, алатката целосно ја реконструира сцената со фризури со многу волумен, винтиџ облека и аналогна зрнеста текстура. Експертите објаснуваат дека зад овој вирален бран стои психолошка потреба за носталгија и привремено бегство од реалноста.
Процесот не се потпира на стандардните филтри за уредување слики, туку на целосна дигитална реконструкција. Корисниците прикачуваат своја портретна фотографија во ChatGPT и бараат од моделот да го пресоздаде кадрот како автентична снимка од 1980-тите.
Клучот е во задржувањето на препознатливите црти на лицето и природниот тон на кожата, додека сè друго се менува. Алгоритмот додава бујна коса, широки јакни, облека со впечатливи шари, масивен накит и специфично студиско осветлување. Карактеристичната мека острина и топлата палета на бои создаваат впечаток на аналоген филм.
Трендот стана популарен благодарение на опцијата „Add Yours“ на Инстаграм. Со неа луѓето споделуваат свои верзии и ги поврзуваат со музички хитови од тој период.
Популарноста на трендот не е случајна, туку се потпира на психологијата на присеќвањето. Како што објаснува психологот д-р Мини К. Пол за „Њу Индијан експрес“, природно е луѓето да чувствуваат носталгија за времиња кога имале помалку обврски и повеќе пријатни искуства. Таа посочува на феноменот познат како пристрасност на ружичаста ретроспектива, при што умот ги памети убавите моменти, додека тешкотиите бледнеат.
Психијатарот д-р Арун Б. Наир додава дека ваквото романтизирање претставува облик на ескапизам од секојдневниот притисок. Погледот кон некое помирно минато нуди краток одмор од современите стресови. Според него, ова ја храни и таканаречената „јувеноја“, односно уверувањето дека помладите генерации го прават светот полош и дека порано се живеело поквалитетно.
Социологот Џјоти С. Наир смета дека причината лежи и во барањето поцврста меѓучовечка врска. Во свет каде што комуникацијата се одвива главно преку екрани, луѓето се свртуваат кон периоди што ги доживуваат како поопипливи и понепосредни.