„Скопски стрипосестри 2026“: Изложба на три македонски авторки во Скопје

Делата на три домашни визуелни уметнички ќе бидат изложени во малиот салон на културниот дом „Кочо Рацин“.

Изложбата „Скопски стрипосестри 2026“ ќе се отвори на 14 септември во македонскиот главен град, со почеток во 19:00 часот. Поставката ќе биде сместена во малиот салон на галеријата „КО-РА“ при ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје. Настанот го организираат институцијата-домаќин и Здружението на стрип автори и љубители на стрипот „СТРИП ЦЕНТАР СТРИПОТ МОЖЕ“ од Велес, со цел промоција на домашниот стрип-израз.

Публиката ќе види стрип-табли и илустрации од три авторки. Свои дела изложуваат визуелната уметница Дона да Видра, мултидисциплинарната уметница Ангела Петрушевска и визуелната уметница Евгенија Трајковска. Поставката се фокусира на раскажувањето приказни преку цртеж и специфичниот авторски ракопис на секоја од нив.

Проектот го реализираат кураторот Иван Станчевски и проектниот менаџер и промотор Томе Трајков. Од здружението и галеријата упатија отворена покана до љубителите на деветтата уметност за присуство на отворањето во понеделник. Покрај разгледувањето на поставените дела, настанот е замислен и како простор за разговор за состојбата и развојот на стрип-сцената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс