Волонтерските организации Волонтерски Центар Скопје (ВЦС) и „За Почиста Македонија“ оваа сабота организираат акција за чистење на Водно. Со почеток во 11 часот пред Средно Водно, тие ги канат сите оние кои сакаат да учествуваат и да помогнат за чистењето на оваа патека. Агендата по која ќе се одвива оваа акција ќе биде да се исчисти патеката кон жичницата. Со оваа иницијатива секој ќе може да освои 10 волонтерски поени.
„Ја сакаме природата и се грижиме за местата за одмор околу нашиот град. Затоа, ги здружуваме силите со нашите пријатели од „За почиста Македонија“ во саботна акција за чистење на Водно. Колку повеќе нè има, толку подобро – ѓубрето нема да има никакви шанси! Придружете ни се во оваа акција и покажете дека меѓу нас има многу љубители на природата“, порачуваат организаторите.
За активистите ќе биде обезбедена и опрема за чистење, која ќе биде достапна на патеката што води кон Средно Водно.
„Овој настан е повеќе од обично чистење – тоа е можност да запознаете луѓе со слични интереси. Ве покануваме да останете и откако ќе завршиме со работата, за да поразговараме, да одиграме некоја игра и едноставно – да се дружиме“, додаваат од организацијата.
