Како агентската вештачка интелигенција да се претвори во конкретна деловна вредност, како новите технологии ги менуваат услугите и што треба да направат компаниите за успешно да се приспособат на новата технолошка ера, беа централните теми во вториот дел од годишната конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, посветена на агентската вештачка интелигенција (Agentic AI).
Преку презентации, панел-дискусии и интерактивна работилница, домашни и меѓународни експерти ги разгледаа практичните можности за примена на вештачката интелигенција во компаниите, трансформацијата на деловните модели, развојот на интелигентни услуги и новите предизвици за лидерството и човечкиот капитал.
Од технологија до конкретни деловни резултати
Во своето предавање на тема „Agentic AI во пракса: како ја претвораме вештачката интелигенција во реална бизнис вредност”, Живко Тофиловски, потпретседател за инженерство во RLDatix, го постави во фокусот едно од најважните прашања за компаниите – како технолошките иновации да се претворат во конкретни резултати и мерлива вредност за бизнисот.
Во време кога вештачката интелигенција сè повеќе излегува од рамките на експерименталните решенија и станува составен дел од деловните процеси, акцентот беше ставен на практичната примена на агентските системи, нивната интеграција во работењето и можностите за зголемување на продуктивноста и ефикасноста.
Интелигентните услуги ја менуваат секојдневната комуникација со корисниците
На панел-дискусијата „Од еден клик до милион можности: Новата ера на интелигентни услуги” учествуваа претставници на банкарскиот, финансиско-технолошкиот и телекомуникацискиот сектор.
Панелот го модерираше Маја Наумовска Савеска, директорка на Дирекцијата за маркетинг и корпоративни комуникации во Халкбанк АД Скопје, а учесници беа Сандра Томановиќ, директорка на Дирекцијата за платни системи и поврзани услуги во КИБС АД Скопје, Филомена Пљаковска-Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на КаСис АД Скопје, и Младен Ѓорѓиоски, директор за ИТ и сервиси во А1 Македонија.
Дискусијата беше посветена на трансформацијата на услугите преку вештачката интелигенција, автоматизацијата и дигиталните технологии, со посебен акцент на корисничкото искуство, безбедноста, ефикасноста и можностите за развој на нови услуги.
Модернизацијата на компаниите започнува со разбирање на сопствениот бизнис
Прашањето како компаниите да ги препознаат сопствените капацитети, слабости и можности за развој беше во центарот на панелот „Бизнис-дијагностиката како клучен чекор кон модернизација и раст”.
Модератор беше Васко Карангелески, основач на БРУЛЗ®, експерт за развој на бизнис и сертифициран експерт за дигитална трансформација.
Во дискусијата учествуваа Данчо Димков, основач на BizzBee Solutions и коосновач на BusinessPulse OS, сертифициран менаџмент консултант, Моника Ризовска Таневска, која работи во областа на вештачката интелигенција и човечкиот капитал во Давлео и е основач на AI Collective Skopje и Women in Tech Macedonia, како и Благоја Милошевски, основач на Планум Консалтинг, експерт за финансиско моделирање и бизнис-планирање и сертифициран експерт за дигитална трансформација.
Панелот го отвори прашањето за потребата од систематска процена на деловните процеси пред воведувањето нови технологии. Во фокусот беа организациската подготвеност, човечките ресурси, финансиското планирање и улогата на бизнис-дијагностиката во донесувањето одлуки за модернизација и долгорочен раст.
NVIDIA и OpenAI со експертски обраќања на конференцијата на МАСИТ
Посебно место во програмата имаа обраќањата на претставници поврзани со две од најзначајните имиња во глобалниот развој на вештачката интелигенција – NVIDIA и OpenAI.
Устим Манко (Ustym Manko), виш директор за клучни клиенти во NVIDIA, имаше главно експертско обраќање во рамките на конференцијата, со што настанот доби дополнителна меѓународна димензија и директна поврзаност со глобалната технолошка индустрија.
Во завршниот дел од програмата, Берат Ќамили (Berat Kjamili), амбасадор на Codex во OpenAI, настапи со предавањето „Од Agentic AI до држава во која вештачката интелигенција го движи развојот: Претворање на иновациите во реална бизнис вредност”.
Неговото обраќање ја прошири дискусијата од примената на вештачката интелигенција во поединечните компании кон нејзиниот потенцијал да придонесе за поширок економски и општествен развој, преку поврзување на иновациите, претприемништвото, образованието и институционалните капацитети.
Вештачката интелигенција го менува и начинот на кој се водат луѓето
Покрај технолошките и деловните аспекти, конференцијата посвети внимание и на човечката димензија на промените.
Психологот и семеен и системски советник Бојана Стојменовиќ Петровска одржа работилница на тема „Кога AI ја менува работата: Од технолошка трансформација до трансформација на лидерството”.
Работилницата беше насочена кон промените што вештачката интелигенција ги носи во работната средина, улогата на лидерите во процесот на приспособување и потребата технолошката трансформација да биде придружена со развој на човечките вештини, организациската култура и новите модели на соработка.
Со вториот дел од конференцијата, МАСИТ ја заокружи дискусијата за агентската вештачка интелигенција, поврзувајќи ги глобалните технолошки трендови со конкретните потреби на македонските компании.
Главната порака на конференцијата е дека иднината на вештачката интелигенција не се однесува само на развојот на сè понапредни технологии, туку и на способноста на компаниите, институциите и луѓето да ги искористат тие технологии за создавање нова вредност, поголема конкурентност и одржлив економски развој.
