Илјадници луѓе вечерва протестираа во Белград во знак на поддршка за авторот Зоран Кесиќ и тимот на сатиричната емисија „24 минута“, откако новото раководство на телевизија Нова С ја симна програмата од шемата. На повик на новинарските здруженија, граѓаните маршираа покрај Народното собрание и Претседателството на Србија, предупредувајќи на секојдневен притисок и задушување на слободата на говорот.
Колоната граѓани и медиумски работници се движеше од зградата на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), преку Претседателството, сè до српскиот парламент. Протестот го организираа Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Здружението на новинари на Србија (УНС), Фондацијата „Славко Ќурувија“, АНЕМ и НДНВ, а на улиците се приклучија и екипите на медиумите N1, Нова, Данас, Радар и Форбс Србија.
Заедно со граѓаните чекореше и самиот Кесиќ. Претседателот на НУНС, Жељко Бодрожиќ, од протестот порача дека сопственичките промени не значат право да се урива новинарскиот кодекс и јавниот интерес.
„Додека постепено ги гасеа Б92, Прва и Блиц, се буневме, но премногу луѓе молчеа. Затоа ни окупираа поголем дел од медиумите и од новинарите направија обични пропагандисти. Тоа не смее да го прави ниту државата со јавниот сервис, а камоли приватник, бидејќи постојат закони кои ги штитат професионалците“, рече Бодрожиќ.
На собирот се обратија јавни личности и новинари кои предупредија дека нападот врз сатирата е директен страв на власта од секаква критика.
„Ова што му се случи на Зоран Кесиќ е симптом на авторитарен систем што се обидува да ја замолчи секоја критика. Кесиќ со својот хумор гласно го говори тоа што другите не смеат ниту да го шепнат“, изјави Милош Војновиќ, актер од Шабачкиот театар.
Претседателката на извршниот одбор на УНС, Оливера Ковачевиќ, посочи дека режимот со години етикетира критичари и новинари, додека актерката Светлана Цеца Бојковиќ истакна дека власта покажува несигурност кога не може да поднесе ниту 24 минути сатира неделно.
„Ако мислат дека вака ќе го задушат бунтот, грешат. Србија денес не е она што беше пред четиринаесет години, народот се менува и се буди“, рече Бојковиќ.
Претставниците на компанијата „Адриа њуз нетворк“ (АНН), која е сопственик на телевизија Нова С и неодамна премина под управа на португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“, соопштија дека договорот не е продолжен исклучиво поради високите трошоци на продукцијата. Според нивната пресметка, емисијата чинела над половина милион евра годишно за помалку од 30 часа програма.
Кесиќ ги отфрли тие тврдења и оцени дека зад одлуката стојат политички мотиви, бидејќи хуморот е најбрзиот пат до свеста на граѓаните. Тој најави дека емисијата нема да згасне и дека од 19 септември ќе продолжи да се емитува на Јутјуб.