Македонската фармацевтска компанија Реплек одбележува 10 години од почетокот на развој и производство на производи базирани на медицински канабис, период во кој се позиционираше како еден од пионерите во регионот во овој сегмент.
Од компанијата посочуваат дека уште од 2016 година започнале со развој на ова портфолио, при што производството го темелат на строги фармацевтски стандарди, контрола на квалитет и валидирани процеси, што според нив е клучно за безбедноста и стабилноста на производите.
Во рамки на јубилејот, „Реплек“ реализираше и прв извоз на производи од медицински канабис на пазарот на Европската Унија, што компанијата го оценува како значаен чекор и потврда за квалитетот на нивното портфолио.

Генералниот директор Душан Пецовски истакнува дека почетоците биле обележани со скептицизам на пазарот, но дека истрајноста и инвестициите во развој довеле до позиционирање на компанијата и надвор од домашниот пазар.
Компанијата дополнително информира дека во ноември минатата година е отворен и КА-информативен центар, наменет за едукација и информирање за употребата на производи од медицински канабис, со цел, како што велат, намалување на стереотипите и подобра комуникација со јавноста и стручните лица.
Производството се базира на современа суперкритична CO₂ екстракција и индустриска опрема од европски производители, што овозможува стандардизирани серии и конзистентен квалитет на финалните производи.
Портфолиото на компанијата вклучува ЦБД масла, козметички производи и препарати со ЦБД и ТХЦ, кои се користат како дополнителна терапија под строго регулирани услови.
Со овој развој и извозот во ЕУ, „Реплек“ се позиционира како еден од регионалните играчи во растечкиот глобален пазар на медицински канабис производи.