„Рено“ ќе произведува нов пикап на база на „Дачиа Дастер“

„Рено“ го најави новиот пикап „Нијагара“, модел базиран на „Дачиа Дастер“, наменет првенствено за латиноамериканскиот пазар.

„Рено“ го најави новиот пикап модел „Нијагара“, кој ќе биде наменет првенствено за латиноамериканскиот пазар. Светската премиера на моделот е закажана за 10 септември.

„Нијагара“ е дел од стратегијата на „Рено“ за проширување на понудата во Јужна Америка, каде компактните пикапи со години се меѓу најбараните возила. Овој тип автомобили има широка примена и за приватни корисници и за деловни потреби, особено на пазарите во Бразил и Аргентина.

Новиот модел ќе биде изграден на база на „Дачиа Дастер“, што значи дека ќе ја користи проверената основа на популарниот SUV, но во практична пикап изведба. Од „Рено“ го најавуваат како возило со цврста конструкција, модерна техника и разновидна примена во секојдневието.

Со овој модел, францускиот производител сака да ја зајакне својата позиција во сегментот на компактни пикапи, кој во Латинска Америка има многу поголемо значење отколку на европскиот пазар.

„Нијагара“ треба да им понуди на купувачите комбинација од практичност, издржливост и современ дизајн, со што „Рено“ ќе се обиде да одговори на потребите на пазарите каде ваквите возила се користат и како работни, и како семејни автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс