Search

Регистрирани автомобили во ЕУ – продажбата на електрични и дизел возила скоро еднакви

Во Европската унија во април автомобилскиот пазар порасна за 13,7 отсто, а бројот на новорегистрирани автомобили изнесува вкупно 913.995. Значителен раст е забележан на водечките пазари – Шпанија (за 23,1 отсто), Германија (за 19,8 отсто), Франција (за 10,9 отсто) и Италија (за 7,7 отсто), податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Во првите четири месеци од годинава, регистрациите на нови автомобили во Европската унија се зголемени за 6,6 отсто, па во тој период се новорегистрирани речиси 3,7 милиони возила. Солиден раст е забележан на најголемите пазари, при што Германија и Шпанија бележат раст од 7,8 отсто, потоа Франција од седум отсто и Италија од 6,1 отсто.

Електричните автомобили со батерии држат речиси 12 отсто од пазарот на автомобили во ЕУ. Истовремено, уделот на хибридните возила се зголеми од 24,9 отсто на 29,1 отсто. Автомобилите со мотори со внатрешно согорување кои користат бензин и дизел гориво заземаат помалку од половина од пазарот, а нивниот удел е намален од 52,8 проценти на 48,9 проценти.

Продажбата на нови електрични автомобили во април е зголемена за 14,8 отсто, а новорегистрирани се 108.552 вакви возила. Франција и Белгија имаат најголем раст на продажбата на овие автомобили.

Во првите четири месеци од годинава електричните возила пораснале за 6,4 отсто во однос на претходната година.

Силен раст од 33,1 отсто оствари и продажбата на нови хибридни возила во април. Најголеми пазари во таа област се Франција, Шпанија, Германија и Италија со вкупно 265.992 регистрации. Со ова пазарниот удел на хибридни возила се зголеми на 29,1 отсто, во споредба со 24,9 отсто во април минатата година.

Продажбата на plug-in хибридни автомобили порасна скромно за 3,7 отсто минатиот месец. Во април, plug-in хибридите сочинуваа 6,8 отсто од вкупниот пазар на автомобили со 62.148 продадени единици.

Продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување кои користат бензин како гориво во април пораснала за 7,3 отсто, па во тој месец биле регистрирани 328.967 автомобили на бензин.

Пазарот на автомобили со дизел мотори во ЕУ остана стабилен со 117.931 продадени единици, што сочинува речиси 13 отсто од пазарот, каде Германија има најголем раст на продажбата со 28,2 отсто.

Најново

Последни колумни