Седум ангажирани дела ја добиваат регионалната награда „Штефица Цвек“

Во рамки на фестивалот КРИК, жирито ќе ги соопшти победничките наслови избрани меѓу 82 пријавени дела од регионот.

Седум ангажирани дела ја добиваат регионалната награда „Штефица Цвек“ на петтото јубилејно издание што ќе се одржи во сабота, на 3 октомври, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје со почеток во 19:30 часот. Настанот е дел од есенската програма на Фестивалот за критичка култура КРИК, во организација на Коалицијата Маргини и Контрапункт. Признанието вреднува феминистички, квир и политички смели книжевни форми објавени на македонски и на БХСЦ јазиците.

Годинашната селекција опфати 82 наслови објавени во текот на 2025 година. Меѓу нив беа застапени романи, поезија, драмски текстови, графички романи, книги за деца и хибридни формати од автори од различни генерации.

Првото жири, во состав Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, најпрво направи селекција од триесет дела. Конечната одлука за седумте наслови ја донесе второто жири составено од Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин.

Именуван по хероината од романот „Штефица Цвек во челустите на животот“ на Дубравка Угрешиќ, изборот задржува ироничен став кон класичните книжевни награди. Наместо прогласување еден победник и поттикнување компетитивност, моделот вреднува повеќе дела истовремено. Целта е отворање простор за критичка книжевност и зајакнување на солидарноста на регионалната сцена.

Фокусот е ставен врз текстови што ги преиспитуваат општествените норми и ја спојуваат политичката ангажираност со автентичен книжевен израз, потсетувајќи дека постојниот поредок не е единствената реалност.

Прогласувањето се одвива под кураторскиот концепт „Грижа: начини да се биде заедно“. Изборот го реализираат Коалиција МАРГИНИ од Скопје, Побунети читателки од Србија, Нараториум од Босна и Херцеговина и Културтрегер/Букса од Хрватска.

Поддршката за иницијативата доаѓа од фондациите Kvinna till Kvinna, Heinrich Böll од Сараево и Реконструкција Женски фонд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс