Светски AI и е трговски експерти доаѓаат на регионалната конференција во Скопје

Асоцијацијата за е трговија на Македонија ги објави првите потврдени говорници за 9. Регионална конференција за е трговија, која ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје. На настанот ќе учествуваат експерти од компании како Google, LinkedIn и водечки регионални организации.

Асоцијацијата за е трговија на Македонија (АЕТМ) ги претстави првите шест потврдени говорници кои ќе бидат дел од 9. Регионална конференција за е трговија, еден од најзначајните регионални настани посветени на дигиталната економија, онлајн продажбата и примената на новите технологии.

Конференцијата ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје, а годинашното издание ќе собере експерти од светски технолошки компании, успешни е трговски платформи и професионалци од областа на вештачката интелигенција и дигиталниот маркетинг.

Меѓу првите најавени говорници е Јован Андонов, Senior Research Engineer во Google DeepMind, кој е дел од тимот што работи на развојот на Gemini, еден од најнапредните модели за вештачка интелигенција на Google. Неговата работа е насочена кон пребарување и рангирање информации за Gemini Personal Intelligence, а претходно има работено и во Google и IBM Research.

На конференцијата ќе говори и Амрита Лал, Senior Client Solutions Manager во LinkedIn, која има повеќе од десет години искуство во маркетинг, развој на брендови и дигитални стратегии. Во текот на кариерата работела со големи меѓународни брендови, меѓу кои Ferrero, Huggies и Douwe Egberts Coffee, а денес им помага на компаниите да изградат посилно дигитално присуство.

Дел од програмата ќе биде и Николај Зеневич, Group Head of Partner Ecosystem во Iute Group, експерт за развој на партнерски мрежи и стратешки соработки. Пред ангажманот во Iute Group, осум години работел во Bolt, каде што учествувал во ширењето на Bolt Food на повеќе од 20 пазари и над 350 градови.

Своето знаење за дигиталното рекламирање ќе го сподели и Мирослав Варга, еден од најпознатите Google Ads експерти во регионот и сертифициран Google Trainer. Тој е познат по практичниот пристап, реалните примери и стратегиите што им помагаат на компаниите подобро да ги користат можностите на онлајн маркетингот.

Организаторите најавуваат дека во следниот период ќе бидат објавени и останатите говорници, со што програмата дополнително ќе се збогати со нови теми поврзани со иднината на е трговијата, вештачката интелигенција, дигиталните плаќања и развојот на онлајн бизнисите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс