25 години од 11 септември: Денот што го промени светот

На 11 септември 2026 година се навршуваат точно 25 години од терористичките напади врз САД, а главниот осомничен сè уште чека на судење

На 11 септември 2001 година, 19 терористи поврзани со Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони и ги употребија како оружје против САД, при што загинаа 2.977 луѓе, а уште илјадници беа повредени. Два авиони удрија во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, трет во Пентагонот во Вирџинија, а четвртиот, чија цел веројатно биле Белата куќа или Капитолот, се урна во поле кај Шенксвил, Пенсилванија, откако патниците се спротивставиле на киднаперите.

Точно 25 години подоцна, на 11 септември 2026 година, САД одбележуваат четвртина век од нападите што трајно ја променија земјата.

Хронологија на утрото што го смени светот

Во 8:46 часот наутро, авионот „Американ ерлајнс 11“ удри во Северната кула на Светскиот трговски центар, меѓу 93. и 99. кат. Седумнаесет минути подоцна, во 9:03 часот, „Јунајтед ерлајнс 175“ ја погоди Јужната кула. Нападот, дотогаш сфатен како несреќа, стана јасно дека е намерен, пред очите на милиони гледачи што го следеле во живо на телевизија. Во 9:37 часот, „Американ ерлајнс 77“ удри во Пентагонот. Во 9:59 часот се урна Јужната кула, а во 10:03 часот „Јунајтед ерлајнс 93“ се урна во полето кај Шенксвил, откако патниците се спротивставиле на киднаперите. Северната кула се урна во 10:28 часот. Времињата на ударите и уривањето на кулите се потврдени и во истрагата на Националниот институт за стандарди и технологија (НИСТ).

Загинати: 2.977 жртви на четири локации

Официјалниот, повеќепати ревидиран број на загинати изнесува 2.977, без да ги вклучува 19-те напаѓачи. Во Светскиот трговски центар загинале 2.753 луѓе, меѓу нив 343 припадници на пожарната служба на Њујорк и 60 полициски службеници. Во Пентагонот загинале 184 луѓе, а кај Шенксвил сите 40 патници и членови на екипажот на „Јунајтед 93“. Жртви на нападите имало меѓу граѓаните на повеќе од 90 земји во светот.

Пред уривањето на кулите, меѓу 14.000 и 17.000 луѓе што се наоѓале под точките на удар успеале да се евакуираат од зградите. Меѓу нив бил и тимот на „Морган Стенли“ во Јужната кула, каде што безбедносниот директор Рик Рескорла евакуирал 2.687 од вкупно 2.700 вработени, пред самиот да загине откако се вратил во зградата за да им помогне на други.

Откако кулите се урнаале, Бреганската стража на САД организирала спонтана поморска евакуација на околу 500.000 луѓе од јужен Менхетен, со помош на траекти, туристички бродови и приватни пловила. Операцијата подоцна беше опишана како најголема поморска евакуација во историјата, поголема дури и од онаа кај Денкерк во 1940 година. Самата Бреганска стража наведува дека биле евакуирани повеќе од 500.000 луѓе, без загуба на животи.

Преживеани од урнатините

Откако кулите се урнаа, само 20 луѓе биле извлечени живи директно од урнатините, 18 од Северната кула и двајца од Јужната. Последна пронајдена жива била Џенел Гузман-Мекмилан, по 27 часа поминати под урнатините. Полициските службеници на Пристанишната управа Џон Меклохлин и Вил Химено биле извлечени по речиси 24 часа. Нивната приказна подоцна беше претворена во холивудскиот филм „Светски трговски центар“.

Пожарникарот Џеј Џонас и неговиот тим преживеале во скалиштето Б на Северната кула, единственото скалиште што останало проодно по уривањето.

Снимки што го обиколија светот

Нападите беа документирани во реално време преку телевизиски преноси во живо, лични камери на минувачи и радиоснимки од службите за итна помош. Материјалот подоцна беше собран во бројни документарни филмови, меѓу нив и „102 минути во кулите“, кои ја раскажуваат внатрешна перспектива на луѓето заробени во зградите. Снимките останаа меѓу најгледаните и најпаметените телевизиски моменти во историјата на САД.

25 години без пресуда

Обвинетиот за организирање на нападите, Калид Шеик Мохамед, се наоѓа во притвор во Гвантанамо уште од 2006 година, откако претходно во притворот на ЦИА бил подложен на симулирано давење 183 пати.

Обидите да се стигне до пресуда се влечат повеќе од две децении. Во 2024 година беше постигната спогодба за признавање вина во замена за доживотна казна наместо смртна казна. Спогодбата потоа беше поништена од тогашниот американски секретар за одбрана, Лојд Остин, а подоцна беше поддржана од воен судија. Апелацискиот суд, сепак, ја поништи во 2025 година.

Воениот судија Мајкл Шрама на 26 август 2026 година одреди судењето да започне на 5 јуни 2028 година – речиси 27 години по нападите. Датумот, сепак, може повторно да биде одложен доколку не се исполнат предвидените процесни рокови.

НАТО за прв и единствен пат го активираше членот 5

На 12 септември 2001 година, НАТО за прв и единствен пат во својата историја го активираше членот 5 од основачкиот договор, кој предвидува колективна одбрана, сметајќи ги нападите за напад врз сите земји-членки. На 7 октомври 2001 година, САД и сојузничките сили започнаа воена интервенција во Авганистан, во операција против режимот на талибанците и Ал Каеда.

Нова безбедносна архитектура

Само неколку недели по нападите, на 26 октомври 2001 година, американскиот Конгрес го донесе Патриотскиот акт, со кој значително се проширија овластувањата на безбедносните служби. На 19 ноември истата година, со потпис на претседателот Џорџ Буш, беше формирана Транспортната безбедносна администрација (ТСА), задолжена за безбедносната контрола на аеродромите.

На 25 ноември 2002 година беше формирано Министерството за домашна безбедност, во кое подоцна беа обединети 22 федерални агенции. Ова беше оценето како најголема реорганизација на американската федерална власт по формирањето на Министерството за одбрана во 1947 година.

Четвртина век подоцна

Оваа година, комеморацијата на местото на некогашните кули во Њујорк вклучува читање на имињата на сите 2.977 жртви, седум минути молчење за одбележување на клучните моменти од тој ден, како и минута молк во чест на оние што подоцна починале од болести поврзани со работата на урнатините.

Според организаторите на Меморијалот, денес во САД живеат околу 100 милиони луѓе премногу млади за лично да се сеќаваат на нападите. Традиционалниот „Трибјут ин лајт“, двата столба светлина што секоја година на 11 септември го осветлуваат небото над јужен Менхетен ќе се гледаат и оваа година од оддалеченост до 100 километри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс