Ребаланс на буџетот на Град Скопје: 420 милиони денари за нов мост и влез кон Сарај

Советот на Град Скопје изгласа зголемување на буџетот за 61,76 милиони денари, а меѓу новите проекти се и улици, кружен тек, депонии и средства за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“

Советот на Град Скопје го изгласа ребалансот на буџетот, со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални проекти, поддршка за граѓаните и покривање на обврските на Градот и јавните претпријатија. Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со ребалансот буџетот се зголемува за 61,76 милиони денари, со што основниот буџет на Град Скопје достигнува 5.324.649.755 денари.

Еден од позначајните нови проекти е изградбата на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, со што, според најавите, треба да се создаде нов влез во Скопје. За проектот во Развојната програма се предвидени 420 милиони денари.Со ребалансот се обезбедуваат и 61 милион денари за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, дополнителни средства за онколошките пациенти, како и 25 милиони денари за реконструкција на помали улици во скопските општини.

Предвидени се и 10 милиони денари за чистење на дивите депонии, како и средства за набавка на нови клупи и столчиња, ИТ-опрема, опремување училишни кабинети, изградба на игралишта и фитнес-зони. Најавени се и средства за организација на ски-викенд за средношколците.

Градот пријавува намалување на обврските

Ѓорѓиевски посочи дека паралелно со зголемувањето на буџетот се намалуваат и обврските на Градот.Според неговите податоци, заклучно со 27 август, вкупните обврски на Град Скопје, јавните претпријатија, културните установи и средните училишта се намалени за 60,2 милиони евра.

Кај јавните претпријатија, најголемо намалување на обврските има кај „Водовод и канализација“, каде што тие се намалени за 1,66 милијарди денари. Кај ЈСП „Скопје“ намалувањето изнесува 634,9 милиони денари, додека кај „Комунална хигиена“ – 122 милиони денари.

Градоначалникот наведува и дека дел од културните установи целосно се раздолжени, додека кај други обврските значително се намалени. Според Ѓорѓиевски, капиталната реализација во вториот квартал достигнала 706,3 милиони денари, што, како што тврди, е повеќе од вкупната реализација во првите три квартали во првите години од мандатите на Петре Шилегов и Данела Арсовска, земени заедно.

Тој најави дека Град Скопје ќе продолжи со инвестиции и со намалување на наследените обврски, без создавање нови долгови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс