Американскиот претседател Доналд Трамп објави нова AI-генерирана илустрација на социјалните мрежи, на која е прикажан како, завиткан со американското знаме, ја носи Земјата на својот грб.
На сликата, Трамп е прикажан во драматична поза додека држи огромна планета Земја, во стил на политички симболизам што го прикажува лидерот како носител на товарот на светот. Објавата брзо привлече внимание и реакции на социјалните мрежи, каде корисниците ја споделуваа со коментари дека тој повторно се прикажува како спасител не само на САД, туку и на целиот свет.
Низа контроверзни AI објави на Трамп
Ова не е првпат Трамп да објавува вакви AI-генерирани слики. Пред неколку месеци тој објави илустрација на која беше прикажан во улога слична на Исус, облечен во бела облека, додека допира болен човек. По критиките, вклучително и од делови од религиозната десница, објавата беше избришана, а Трамп изјави дека намерата била да се прикаже како лекар.
Набргу потоа, сподели и друга слика на која Исус го прегрнува, додека тој стои зад говорница пред американското знаме.