Рама кон Вучиќ: Нема голема Албанија, но ниту српска територија на Косово

„Не ни е потребна ‘Голема Албанија’ за да застанеме зад Косово“, порача Рама, додавајќи дека Албанија нема територијални претензии кон Србија

По изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста Србија да го промени текот на реката Ибар, со реакција се јави премиерот на Албанија, Еди Рама.

Тој порача дека Белград не може да ги третира Косово и неговите природни ресурси како дел од српската територија.

Рама, реагирајќи на социјалната мрежа „Икс“, ги отфрли тврдењата за албански територијални амбиции и оцени дека секогаш кога Тирана зборува за Косово, од Белград повторно се отвора темата за „Голема Албанија“.

„Не ни е потребна ‘Голема Албанија’ за да застанеме зад Косово“, порача Рама, нагласувајќи дека Албанија нема територијални претензии кон Србија.

Според него, Косово има свои институции и право самостојно да одлучува за својата иднина, а Албанија ќе продолжи да го поддржува. Рама притоа порача дека Србија го изгубила Косово и дека територијата и природните ресурси на Косово не можат да се сметаат за ресурси на Србија.

Албанскиот премиер се осврна и директно на Ибар, оценувајќи дека станува збор за прекуграничен воден систем и дека одлука на Србија која би имала последици врз Косово не може да се третира исклучиво како внатрешно прашање.

Полемиката почна откако Вучиќ изјави дека Србија ангажирала експерти за да ја разгледа можноста за промена на водотекот на Ибар на српска територија, како реакција на односот на косовските власти кон Србите на Косово. Изјавата предизвика официјална реакција и од албанското Министерство за надворешни работи.

Рама истовремено нагласи дека правата, безбедноста, имотот, јазикот и културното и верското наследство на српската заедница на Косово мора да бидат заштитени.

Според него, иднината на регионот треба да биде во Европа и границите со текот на времето да стануваат помалку важни, но предуслов за тоа е најпрво да се прифатат постојните граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс