Извршниот директор на нискобуџетната авиокомпанија Рајанер, Мајкл О’Лири, повика на забрана за продажба на алкохол на аеродромите во раните утрински часови, поради сè почестите инциденти со пијани патници.
Според него, проблемот станува сериозен за сите авиокомпании, бидејќи недоличното однесување во авиони сè почесто доведува до пренасочување на летови.
О’Лири изјави дека не гледа причина зошто на патниците би им се служел алкохол уште во пет или шест часот наутро. Тој смета дека аеродромските барови треба да ги почитуваат истите ограничувања како и другите угостителски објекти.
Директорот на Рајанер нагласи дека авиокомпанијата ретко дозволува повеќе од два алкохолни пијалаци по патник за време на лет, и предложи слично правило да се воведе и на аеродромите.
Според него, најголем проблем настанува кога летовите доцнат, па патниците поминуваат повеќе време во аеродромските барови и консумираат поголеми количини алкохол пред качување во авион.
Британските медиуми потсетуваат дека пијанство во авион е кривично дело и може да биде казнето со високи парични казни, па дури и со затвор.
Од Рајанер соопштија дека веќе покренуваат судски постапки против патници што предизвикуваат инциденти и финансиски загуби поради пренасочување на летови.
Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Jet2 предложи формирање национална база на податоци преку која авиокомпаниите би можеле заеднички да им забрануваат летови на проблематични патници.