Трагедија во болница во Пакистан: Најмалку 15 новороденчиња загинаа во пожар

Пожарот избувнал во одделението за мајки и деца во болницата PIMS во Исламабад, а како можна причина се наведува дефект на системот за климатизација.

Најмалку 15 новороденчиња загинаа во пожар што избувна во болница во Исламабад, главниот град на Пакистан. Пожарот избувнал во одделението за мајки и деца на Пакистанскиот институт за медицински науки (PIMS), јавуваат локалните медиуми. Според првичните информации, пожарот избувнал околу 7 часот наутро по локално време, на третиот кат од одделението. Во просторијата во тој момент имало новороденчиња, а само едно од нив било спасено, според првичните извештаи на Geo TV.

Како можна причина за пожарот се наведува дефект во системот за климатизација, односно експлозија на компресор од клима-уредот во просторијата каде што биле сместени бебињата. Сепак, точната причина треба да биде утврдена со истрага.

Противпожарните и спасувачките екипи брзо пристигнале на местото и го ставиле пожарот под контрола. Областа била обезбедена, а спасувачите продолжиле со интервенцијата и по гаснењето на огнот. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф наредил итна истрага за трагедијата и побарал да се утврди одговорноста на сите што евентуално придонеле за несреќата.

Бројот на жртвите во првите часови од трагедијата варираше во извештаите. Подоцнежните информации од пакистанските власти и АП наведуваат 14 потврдени жртви, додека локалните медиуми и Ројтерс известуваа за 15.

е-Трн да боцка во твојот инбокс