Апелацискиот суд на Црна Гора ги одби жалбите на одбраната и на Специјалното државно обвинителство и ја потврди пресудата на Вишиот суд во Подгорица со која Радоје Звицер, Милан Вујотиќ, Драган Кнежевиќ, Слободан Кашќелан и Игор Божовиќ беа прогласени за виновни за создавање криминална организација и за неовластено производство, држење и трговија со наркотични средства.
Според правосилната пресуда, Радоје Звицер како организатор на криминалната група е осуден на единствена казна затвор од 16 години. Милан Вујотиќ и Драган Кнежевиќ добија по 11 години затвор, додека Слободан Кашќелан и Игор Божовиќ се осудени на по 13 години затвор.
Од судот соопштија дека ова е првиот правосилно завршен кривичен процес против криминалната организација на Радоје Звицер, кој со години се наоѓа во бегство.
Според пресудата, во текот на втората половина од 2020 година Звицер организирал меѓународна криминална мрежа за шверц на кокаин. Судот утврдил дека групата дејствувала на меѓународно ниво, со строго дефинирани улоги и хиерархија меѓу членовите.
Неговата задача била да организира набавка на кокаин во Еквадор и други земји од Јужна Америка, по цена од околу 5.000 долари за килограм, како и негов транспорт преку океански бродови до Холандија и други европски држави. Звицер, според судот, го обезбедувал и финансирањето на набавката и транспортот на дрогата, како и распределбата на заработката меѓу членовите на организацијата.
Апелацискиот суд оцени дека доказите недвосмислено покажуваат оти криминалната организација била формирана со цел извршување поголем број кривични дела поврзани со производство, поседување и шверц на наркотични дроги.
Радоје Звицер важи за една од најпознатите фигури во балканското подземје и е означен како еден од водачите на Кавачкиот клан, криминална група која се поврзува со трговија со дрога, убиства и други тешки кривични дела.
Во 2020 година тој преживеа атентат во Киев, кога беше застрелан додека трчал во близина на својот стан. Според медиумските извештаи, тогаш бил погоден со повеќе куршуми, но успеал да преживее.